Со воведни зборови на одбраната денеска во Кривичниот суд почна рочиштето за случајот „Титаник“, кој е прв случај обелоденет од Специјалното јавно обвинителство. Во судница се присутни сите обвинети во овој предмет.
Адвокатот Дончо Наков рече дека ќе докажат оти обвинетите не се виновни и не се вршители на дејствијата како што е наведено во обвинителниот акт.
А некои од членовите на „злосторничкото здружување“, како што истакна Наков, само неколку часа биле членовина таа група, па според тоа невозможно е во тој краток временски период да извршиле некакво кривично дело.
– Како одбрана ќе докажеме дека дел од обвинетите не можат да бидат осудени, рече Наков.
Во „Титаник“ обвиненти се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.