Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи втората седница на која на дневен ред е Предлог-одлуката за утврдување на бројот на потпретседатели. Пред седницата се очекува да биде констатирана и оставката на пратеникот Фљорин Бесими, брат на предлогот за министер за финансии Фатмир Бесими од ДУИ, а можно е до пред почетокот на седницата оставки да пристигнат и од други пратеници за кои е најавено дека ќе бидат дел од новата Влада на мандатарот Зоран Заев.
Претседателот на Собранието Талат Џафери предлага законодавниот дом да има петмина потпретседатели. Во образложението на предлогот, Џафери повикувајќи се на Деловникот и на Законот за Собрание наведува дека „бројот на потпретседателите го утврдува Собранието, по предлог на претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“.
Потпретседатели на Собранието се очекува да имаат СДСМ, опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива… Засега се уште официјално не се соопштуваат информации која парламентарна партија ќе добие потпретседателско место во Собранието. На денешната седница, пратениците само ќе гласаат за Предлог-одлуката, а потпретседатели на Собранието ќе бидат избрани на друга седница.
Во Собранието е пристигната и оставката од пратеничкото место на Фљорин Бесими, брат на Фатмир Бесими за кој ДУИ соопшти дека ќе биде предложен за министер за финансии. Тој уште пред неколку дена преку соопштение најави повлекување од пратеничката функција, по реакцијата на Антикорупциската комисија.
Според информации од Собранието, можно е денеска до пред почетокот на седницата закажана за 11 часот, да пристигнат и други оставки од пратеници кои мандатарот Заев најави дека ќе ги предложи за составот на новата Влада. Покрај мандатарот Заев, тоа се Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Мила Царовска, Љупчо Николовски, Оливер Спасовски, Јагода Шахпаска од СДСМ и Насер Нуредини од ДУИ.
Според членот 57 од Деловникот, Собранието без претрес констатира дека на пратеникот му престанал мандатот на денот на одржувањето на седницата. Собранието потоа ја информира Државната изборна комисија, која пак треба да го информира Парламентот кој е следниот на листата што го прифатил пратеничкиот мандат и потоа тој да биде верификуван.
Лидерот на СДСМ Заев вчера најави дека ќе го поднесе предлогот за состав на нова влада во Собранието откако пратениците кои треба да бидат министри ќе поднесат оставки, ќе бидат верифицирани мандатите на тие што ќе ги заменат и ќе биде донесена одлука за бројот на потпретседатели на Парламентот.
Владината коалиција што ќе ја сочинуваат СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, и во Собраните има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.