Синдикатот на полицијата во Македонија како еден од претставниците на вработените во МВР ги поддржува ставовите на припадниците на АРМ и сите припадници со исти ставови, дадени преку отворено писмо до јавноста изминативе денови.
-Согласно наведеното и ние како припадници на безбедносните структури на Македонија застануваме во одбрана на македонските национални интереси, а во контекст на преговорите кои владата ги води со бугарските власти во однос на македонските идентитетски основи (историјата на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонскиот етнички идентитет). Ние како припадници на Министерството за внатрешни работи будно ги следиме овие настани и известуваме дека рамо до рамо со припадниците на Армијата на Република Македонија, ќе станеме во одбрана на нашите национални и државни интереси. За тоа имаме дадено ЗАКЛЕТВА. Политичарите ги известуваме дека прифаќањето на било каков компромис во однос на наведените вредности, ќе го сметаме како непријателски акт кон нашата држава, се вели во писмото на СПМ.
Оттаму посочуваат дека како припадници во Полицијата сме мултиетнички состав, во нивните единици има Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби и други, но сметаат дека евентуалниот компромис во однос на наведените прашања ќе претставува компромис против сите нив, против сите граѓани на државата, против заедничката татковина Република Македонија.
-Уште еднаш апелираме до Владата и највисоките политички претставници во државата дека ја немате нашата поддршка за пазарење со виталните вредности на нашата држава, немате таков мандат ниту од Уставот на државата ниту од граѓаните на Република Македонија. Доколку посегнете кон некаков компромис во споменатата насока, Ве известуваме дека ќе се соочите со нашиот жесток одговор, кој ќе го искажеме заедно со припадниците на Армијата на Република Македонија и други институции, но и заедно со сите граѓани на нашата држава. Ние Ве избравме не за да владеете со нас, туку за да не претставувате и да ги заштитите нашите, а не вашите лични бизнис и партиски интереси. Нема да Ви дозволиме наместо нашите да застапувате туѓи интереси, ние ве избравме да бидете власт, ние ќе Ве симнеме од позициите на власт. Во оваа битка ги повикуваме и останатите Синдикати во Министерството за внатрешни работи да ни се придружат и да застанат рамо до рамо со нас во одбраната на националните интереси на Македонија. Од тука јавно го повикуваме Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски бидејќи во неколку наврати претходно одби да го одговори поставеното прашање од новинарите на неговата прес конференција пред неколку дена “Дали целосно стои зад интервјуто на премиерот Заев дадено во бугарски медиум и дали ги знае последиците од нашиот Кривичниот законик дека како прв човек во МВР е должен да го почитува законот и Уставот на Македонија” ?, се наведува во соопштението на Синдикатот на полицијата.