Денеска се одбележуваат 57 години од катастрофалниот земјотрес кој го срамни со земја Скопје, а жителите на нашиот град се уште се сеќаваат на таа тажна слика и трагични моменти.
По првите силни удари, под урнатините на куќата останало три членото семејство: таткото, мајката и седумгодишниот син.
Поради поместување на почвата, се нашле изолирани меѓусебно. По стивнувањето на ударите и бучавата, започнале да бараат помош секој посебно. Така дознале еден за друг дека се живи, дека се во непосредна близина, но разделени со урнатините.
Таткото упорно ги тешел своите најблиски дека спасителите се близу, и дека треба храбро да издржат. Се слушал повикот за помош на мајката, плачот на детето, и гласот на таткото.
Спасителите ги засилиле расчистувањата, со голема надеж дека семејството кое давало знаци на живот, ќе биде спасено. Но, понатамошната трагедија започнала да се одвива постепено, и надвор од очекувањата на спасителите.
Најпрвин, замолкнал гласот на мајката. Од просторијата каде што таа се наоѓала, завладеала тишина.
Мајката веќе не одговарала на повиците ниту на детето, ниту на таткото. Веќе била почината. За да не дојде до избезуменост кај синот, таткото постојано го тешел и му зборувал дека мајка му е многу уморна и дека заспала, дека ја совладал сонот.
Откако детето малку се потсмирило, почувствувало голема жед. Се слушале гласовите и ударите на спасителите кои биле се поблиску до нив.
Но, каде тие биле точно, и дали затрупаните ќе можат да се одржат во живот до нивното доаѓање?
Детето повторно започнало да плаче, велејќи дека е многу жедно. Таткото му го дал единствениот совет кој во тие тешки мигови бил можен, за да се спаси животот на синот: да пие од сопствената урина. Детето го послушало, и за извесно време повторно се смирило, давајќи и понатаму знаци на живот.
Спасителите биле се поблиску до просторот каде што се наоѓал таткото. Кога стигнале до него, го извадиле од под урнатините.
Расчистувањата продолжиле со уште посилно темпо и со уште повеќе луѓе. Таткото ги известил дека неговото синче е долу и дека се уште дава знаци на живот.
По долгите, неизвесни моменти при расчистувањето, спасителите биле попречени да напредуваат од голема бетонска плоча.
Оздола ги довикувало детето, биле на чекор од него, и од неговото спасување. Со големи напори и употреба на човечка сила, успеале да ја поместат плочата. Низ процепот се гледало детето. Но, отворот бил премал за тоа да може да излезе. Единствено решение било: да се донесе механизација, и со помош на челична сајла да се крене плочата.
Така и било сторено. Плочата била прицврстена за челичната сајла, и започнале да ја креваат. Се создал уште поголем отвор. Детето веќе било подготвено да излезе, таткото ја подал раката кон него за да го извлече. Процепот сепак бил недоволен, било потребно уште сосема мало подигање на плочата. Забрмчеле повторно моторите, сајлата со бетонот повторно започнала да се крева, и токму во мигот кога синот требало да биде спасен, да излезе на површината, сајлата од механизацијата се скинала!
Во тој трагичен, непредвидлив миг, бетонската плоча засекогаш го потиснала детето под урнатините.
Така, катастрофата одзеде уште еден млад човечки живот, при самиот миг на неговото конечно спасување.