Во државата имаме криминал, корупција, поразителни статистики, секојдневно ни заминуваат децата, ни се отселува државата, нема кој да ни учи децата, нема кој да не лекува повеќе, имаме состојба на гладување на населението, висока инфлација, изјави за „Заспиј ако можеш“, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменкоска Трајкоска, потенцирајќи дека никој од власта за истото не поднесува одговорност, а наместо тоа гледаме игнорантски однос.
Стаменкоска Трајкоска посочи дека кога премиерот не поднесува одговорност при криминал, не може да се очекува тогаш другите од власта да поднесат одговорност.
– Кога првиот не дава добар пример на почитување, на професионалност, одржување на дадениот збор што да очекуваме за другите. Дали Заев поднесе одговорност кривична за одредените дела кои ги имаше направено и сите криминали, дали Ковачевски поднесе одговорност за случајот со учеството на неговата сопруга во фирма со бизнис за електрична енергија, не може тој да излегува од истиот бизнис, а неговата сопруга да влегува во тој бизнис, вели Стаменкоска Трајкоска.
Таа истакна дека не само што не гледаме одговорност кај Ковачевски туку гледаме и игнорантски однос и навреди во Собранието кон пратениците, што е особено видливо на седниците за пратенички прашања.
– Ковачевски се однесува игнорантски кон пратениците и пратеничките прашања, а пратениците имаат обврски кон граѓаните кои го дале гласот. Гледаме дека игнорантски се однесува и спрема многу други работи, затоа сметам дека треба да се изреагира. Во развиени земји каде што има нормално општество е поинаку, но кај нас премиерот по опомена се заканува дека ќе ја напушти седницата. Неговите закани не се прв пат, а и да биде изнервиран на седница на пратенички прашања, како и да се однесува со ароганција и навреди, нагласи Стаменкоска Трајкоска.