Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната седница на Собранието на која се аргументира Буџетот на државата, истакна дека голема лага се планираните капитални инвестиции на Владата за 2022, пет години ништо, сега ќе реализирале 615 милиони евра за 12 месеци, што е невозможно, пратеникот вели исто така дека ќе се задолжиме 787 милиони евра само следната година.
-Она што е загрижувачки е лагата, владината амбиција за капитални инвестиции. Таа во 2022 планира во инфраструктура да вложи дури 615 милиони евра, додека, пак, зголемувањето е 27 отсто во однос на планот за 2021 година. Познато е колку слабо низ годините наназад се реализират капиталните инвестиции, а ништо подобра не е состојбата ниту оваа година. Највисок износ на капитални инвестиции до сега Владата на СДСМ реализирала во 2017 година во износ од околу 19 милијарди денари. Денес Министерот за финансии не убедува дека оваа иста Влада ќе реализира 37 милијарди денари капитални расходи. Влада која за 5 години нема шајка заковано, сега ќе реализира за 12 месеци 615 милиони евра. Невозможно, вели Стојаноски.
Стојаноски вели дека нејасно е по која основа Владата се обврзува дека идната година ќе инвестира дури 615 милиони евра во капитални инвестиции, а ако се направи анализа на веб страницата на Министерството за финансии може да се види колку слабо е реализиран буџетот за оваа година.
-За девет месеци, период во кој требало да се реализираат околу 75 % од капиталните расходи, процентот на остварување е многу понизок и изнесува само 47,6 %. Пластично, ако биле планирани за годинава 455,7 милиони евра, што е многу помалку од планот за идната 2022 година, за девет месеци биле потрошени само 217 милиони евра, вели тој.
Стојаноски збореше и за задолжувањата па посочи дека со вака концепиран Буџет во наредната година ќе се задолжиме 787 милиони евра. Покривањето на овој износ се планира од домашни извори во висина од 441 милиони евра, а од странство 346 милиони евра.Јавниот долг на крајот од 2022 година треба да биде 65,9% од БДП.
-Европската Комисија со критики за растечкиот буџетски дефицит, кој го зголемува и јавниот долг на државата. За нив е нејасен начинот како Владата планира да ја намали буџетската дупка, која достигна 5,6%, а оптималното ниво е 3% од БДП. Загрижува и јавниот долг кој во моментов изнесува 64 %, а ќе достаса до 65,9 %.Комисијата критикуваше и за нереализираните капитални инвестиции, кои се двигател на економскиот раст. Секој трет Македонец е под ризик на сиромаштија, покажуваат последните податоци на Еуростат, аргументираше Стојаноски.