Со месеци институциите Општина Центар, Град Скопје и министерството за транспорт и врски молчат и не реагираат во однос на висококатниците кои треба да никнат тука на над 13.000 м2. Наместо да ги послушаат граѓаните, институциите водени од Шилегов, Богдановиќ и Бочварски си ја префрлаат вината. Шилегов и Богдановиќ пред да дојдат на власт ветуваа ревидирање на сите детални урбанистички планови, воведуваа лажни мораториуми, за на крај да извршат невидена бетонизација на центарот на градот, во непосредна близина на реката Вардар, изјави на денешната прес конференција, Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека не само што СДСМ и институциите водени од нивни кадри ја одмолчуваат бетонизацијата на Центар, туку и директно ја овозможија.
– Имено од 4.000 м2 површина која ја имале првично купено инвеститорите, СДСМ овозможи да докупат уште 9.000 м2 и тоа градежната парцела да го опфати буквално целиот регион на Ново Маало. Иако лажеа дека нема да дозволат бетонизација, на крај и Општина Центар и Град Скопје ги издадоа сите потребни дозволи за градба. Бетонизацијата е спроведувана директно од Шилегов, кој сега од Заев е награден со кандидатура за втор мандат за градоначалник на Град Скопје. Покрај тоа што Шилегов е неспособен како Заев, и спроведува тендери каде фирмите добитници книжат двојно повеќе пари од тоа што за истите работи плаќаат други општини и градови во регионот, дали Шилегов си ја заработил втората кандидатура со одобрување на висококатниците спроти Холидеј Ин, праша Стојаноски.
Тој го повика Шилегов да излезе и да каже, дали зад одмолчувањето и одобрување на градбата на висококатниците кај Холидеј Ин се крие поддршката за втората кандидатура од СДСМ? За чии интереси работи Петре Шилегов?
– Време е за отвореност и транспарентност. Шилегов да одговори, неговата работа треба да биде пред се за граѓаните. Но тој не успеа да се издигне над партијата. Време е тој да си замине, а со него и сите лажни ветувања и неработа. Време е за Македонија за сите луѓе, додаде Стојаноски.