Опозициските партии во Македонија велат дека доцнењето во процесот на снабдување со вакцини ја покажува неспособноста на владините преставници.
-Сметам дека ние како држава заглавивме во договорите направени со компаниите што произведуваат вакцини, а исто така и во врска со програмата COVAX, вели за Радио Слободна Европа, Арбен Таравари од опозициската коалиција, Алијанса за Албанците – Алтернатива.
Таравари, кој претходно беше на чело на Министерството за здравство, е скептичен дека Македонија може да започне масовна кампања за вакцинација пред мај или јуни.
-Не е лошо граѓаните да имаат повеќе опции, да ги имаат кинеските вакцини тука, но и вакцините на другите две компании, а потоа оставете ги луѓето да го изберат она што мислат дека е најдобро, нагласува Таравари
Андон Чибишев, кој е член на собраниската Комисија за здравство, исто така ја обвинува владата за неспособност поради доцнењето во обезбедувањето на вакцината.
-Еднаш не уверуваа дека сè е во ред, дека нашите власти постигнаа договор да обезбедат 500 илјади или 800 илјади дози преку системот COVAX и тогаш се покажа дека овој систем не работи и дека нема да добиеме вакцини. Слушнавме дури и изговори од претседателот на државата и министерот за здравство дека сме многу мал пазар, затоа сме игнорирани, рече Цибишев, кој доаѓа од редовите на македонската опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ.