Топката што го спаси 30-годишниот Иван од водите на Егејското Море каде помина 18 часа како исчезнат кај Халкидики, стигнала во неговите раце од островот Лемнос, од каде што патувала по водата 10 дена, објавија медиумите од Солун.
Според неверојатната приказна, топката била изгубена на плажата Евгати на Лемнос на 30 јуни од две деца, 6-годишниот Танос и 11-годишниот Трифон од Солун. Тие со родителите биле на плажата за време на летниот одмор и си играле со топката додека во еден момент не ја изгубиле контролата врз неа и морската струја ја оддалечила од нив. Дури и пливач кој бил во близина се обидел да им ја врати, но без успех.
Нивната мајка вчера ја видела фотографија од топката што го спаси Иван и препознала дека е истата топка со таа на Танос и Трифон.
Малата кожна топка, која била полуиздишана, му помогнала на Иван да остане на површината додека траеше потрагата по него на грчките служби. Таткото на 30-годишниот Иван, заедно со градоначалничката на Касандра, Анастасија Халкија, се фотографираа со среќната топка.