Ромите при користење на здравствените услуги секојдневно се соочуваат со многубројни проблеми, а и судскот систем, исто така, „не е на нивна страна“, се жалат активисти на ромските здруженија за покревање на свеста за нивните права. Од кај нив наведуваат дека и полицијата често пати ги третира како „криминалци“, дека не го добиваат истиот третман како останатите и во социјалните установи. Тешко доаѓаат до работна позиција, само поради тоа што се Роми. Поголемиот дел од нив се осудени на глад, сиромаштија и беда. Стигматизацијата и дискриминацијата кон нив, од страна на сите останати во општеството, дополнително им го отежнува секојдневието.
Ромите, како мацинска етничка група во Македонија треба да ги уживаат сите права и слободи како и сите останати лица во земјата. Велат, време е да се покрене свеста во општеството за тоа дека сите сме еднакви, со што ќе им се даде можност да напредуваат и да живеат нормален и достоинтсвен живот.
Се жалат дека има повеќе случаи во кои тие или нивните семејства биле обесправени, а не можеле да добијат адекватна правна сартисфакција.
Повеќегодишни голготи
Таков е случајот со Агуш Салиоски од Прилеп, кој поради лекарска грешка со ампутирана рака порасна низ судниците, за конечно во 2015 година неговиот случај да заврши со позитивни пресуди, односно надомест на штета од 60.000 евра и доживотна месечна рента од 3.000 денари.
Салиоски во 2008 година ја скршил раката, по што во прилепската болница му бил поставен гипс и бил задржан на лекување. Три денови се жалел на болки, но поради незаинтересираноста на лекарите, добил гангрена и за да му биде спасен животот, лекарите на детска клиника во Скопје направиле ампутација на неговата рака.
Во 2010 година, поднесена е кривична тужба против шест доктори поради пропусти и направени грешки при лекувањето, а во 2011 година се поднесени две граѓански тужби против Општата болница во Прилеп, од каде се побарало надомест за штета поради претрпен инвалидитет и душевна болка.
Во 2013 по оддржани 18 рочишта, донесена била пресуда со која лекарот што го примил детето бил осуден на условна казна затвор од три месеци во рок од една година поради сторена грешка во лекувањето. Дури во 2015 година, правдата е задоволена.
Правниот систем во одбрана на здравствениот
Дваесет годишна мајка од Битола родила машко дете, по два денови детето починало, како што навеле докторите од непознати причини. На родилката не и било дадено да го погреба дететото, туку во болницата го отстраниле како медицински отпад.
Во 2015 година е поднесена тужба против Клиничката Болница во Битола за надомест на штета за претрпени душевни болки поради третирање на телото на мртвото бебе како медицински отпад, спротивно од волјата на родителите – тужбата е одбиена од страна на Основниот суд во Битола. Потоа е поднесена жалба. Во 2016 година Апелацискиот суд пресудува 500 евра надомест на штета за повреда на лични права. Конечно, по пет годишно талкање по судниците, Врховниот суд ја преиначува истата пресуда во надомест на штета во висина од 10.000 евра.
Случаи кои се уште немаат судска разрешница
Тригодишното девојче Анета Неџипоска со симптоми на повраќање и температура била примена на одделението за инфективни болести во прилепската болница. По прегледот и била дадена инфузија, а потоа била пуштена на домашно лекување со препишана терапија. Утрото девојчето, од страна на родителите било најдено без знаци на живот, по што лекарите ја потврдиле смртта на детето.
Случајот по службена должност е преземен од Основното јавно обвинителство, пред кој се уште се води истрага за причините за смртта и евентуални пропусти при лекувањето, по што ќе се утврди дали постои основ за поведување на кривична постапка.
Во 2012 година, 24-годишна родилка починала од непознати причини за време на породување со царски рез во битолската болница, новороденчето преживеало. Претходно не биле утврдени никави компликации. По обдукцијата е утврдено дека причината за смртта била недостиг на воздух.
Започната е кривична постапка која се уште е во ток, со оглед на тоа што во 2016 година беше донесена пресуда со која беше прогласен анестезиологот а виновен, при што е утврдена условна казна затвор од шест месеци, меѓутоа против пресудата беше поднесена жалба, по што предметот беше вратен на повторно судење, по кое беше донесена истата пресуда како и во 2016 година. Против пресудата повторно беше поднесена жалба, при што предметот се уште не е завршен и е пред Апелацискиот суд.
„Рома С.О.С“ бара одговорност од лекарите
Од Здружението „Рома С.О.С“ велат дека ова се само дел од случаите со кои се соочиле Ромите, како најмаргинализирана заедница, при користењето на здравствените услуги во Македонија.
Само оние кои истрајале во борбата со судскиот и здравствениот систем, со помош на правното застапување од страна на „Рома С.О.С“, успеале да докажат дека е направена грешка при лекувањето.
Здружението бара поголема одговорност и совесност од страна на лекарите при давањето на медицински третман на Ромите.
Симона Митровска за МИА