четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

УКИМ и МАНУ контра ставовите на Заев во врска со Бугарија: Бараат да не се дозволи поткопување на темелите на македонската држава

Јавноста веќе со денови „врие“ по скандалозните провокации и изнесување на тези во поглед на историјата на македонската држава и јазик од страна на Бугарија, но уште повеќе јавноста е гневна по срамната изјава на Заев за агенцијата БГНЕС во која вели дека Бугарите не биле фашисти, напротив „администратори“ во времето кога Македонија била под нивна окупација.
УКИМ и МАНУ контра ставовите на Заев во врска со Бугарија: Бараат да не се дозволи поткопување на темелите на македонската држава

По ова, МАНУ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како најповикани да дадат свој суд по однос на клучните идентитетски, лингвистички, историски, културни или државни прашања, по канонадата на испорачани бугарски условувања за деблокада на македонскиот евроинтеграциски пат, деновиве категорично се изјаснија дека нема место за каква било и со кого било дискусија на тие теми и порачаа да се отфрлат решително обидите за политички интервенции и ревизи во тие сфери, зашто можат да предизвикаат поткопување на темелите на државата.

Обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата, наведува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соопштение во кое потсетува дека УКИМ е продолжувач на традицијата на сесловенските просветитeли и најголем и најстар универзитет во македонската држава, во чии организациски единици се истражуваат, се проучуваат, се негуваат и се афирмираат македонскиот јазик, македонската историја и македонското културно и духовно наследство.

Во соопштението понатаму се вели:

1. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” ги поддржува стратешките напори на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ.

2. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се придружува и ја поддржува Промеморијата на МАНУ за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ.

3. Универзитетот ги повикува Владата на Република Северна Македонија и сите чинители во евроинтеграциските процеси да ги почитуваат достигањата на македонските научни работници од областа на хуманистичките, општествените и културолошките науки, како и сознанијата на светската славистика, лингвистика и современа историска наука, според кои:

а) македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен, и временски континуитет; македонскиот јазик е посебен јазик од групата на јужнословенските јазици, кој се изучува на универзитетски центри во целиот свет;

б) македонскиот идентитет е изграден врз колективното сеќавање и врз свеста за традицијата, културата, етнокултурната, политичката и јазичната засебност на македонскиот народ;

в) процесот на формирање на македонскиот народ и македонската нација во ништо не се разликува од соодветните процеси кај другите балкански народи и нации; формирањето на еден народ не е и не може да биде последица на административен акт;

г) создавањето на македонската држава е заедничка придобивка од долготрајната борба на македонскиот народ и сите други етнички заедници; ова историско тежнеење доживеало кулминација во антифашистичката војна, поради што македонската државност е заснована врз антифашистички начела.

4. Оттука, обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата.

Во промеморијата на Македонската академија на науките и уметностите се истакна дека македонскиот јазик има просторен и временски континуитет, а македонскиот идентитет етнокултурна посебност.

Претседатателството на МАНУ потсети на научните факти кои говорат дека македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години).

„Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе-вековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор”, се вели во Промеморијата на Македонската академија на науките и уметностите.

МАНУ притоа соопшти дека е за продолжување на напорите на Владата за интегрирање на Македонија во Европската Унија, но ѝ порачува на власта дека притоа треба да се залага за „почитување на меѓународните повелби и конвенции од коишто произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен и јазичен и номинален идентитет.

Затоа МАНУ, потсетувајќи на низа меѓународни документи и на настани кои значеа потврдување на македонската државност, како и на својата минатогодишна промеморија, порача дека „македонскиот народ ја искажувал и ја докажувал научно посебноста на својот историски, културен, јазичен, политички идентитет во континуитет, а особено во текот на 19 и 20 век, во текот на својата борба за национално ослободување и државно осамостојување, како и во рамките на македонската република во составот на југословенската федерација (1945 – 1991), односно и во рамките на независна и суверена Република Македонија.

МАНУ со своите ставови излезе само неколку дена откако Бугарската академија на науките преку соопштение ја поддржа политиката на Владата во Софија за условувањата кон Македонија. Бугарските академици го изнесоа ставот дека „бугарските научници, со научни средства, цврсто ќе ја бранат историската вистина за минатото на историско-географскиот регион Македонија, вклучително и за бугарската етничка и културна припадност на мнозинството од нејзините жители.“

И покрај УКИМ и МАНУ кои бараат да не се дозволи поткопување на темелите на државата останува само едно, јавноста да се увери до каде ќе оди самоволието на Зоран Заев за продажба на се што е македонско…

Најнови вести