Министерот за надворешни работи на Украина, Павло Климкин, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Република Македонија на покана на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
Во рамките на официјалната посета на Република Македонија, министерот Климкин ќе биде примен и од претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и од вицепремиерот Бујар Османи.
Како што соопшти МНР, се очекува Димитров и Климкин на средбата да ги разгледаат можностите за натамошно унапредување на билатералните политички, економски и друг вид односи и соработка. Ќе бидат разменети и мислења од доменот на европските и евро-атланските аспирации и интеграции на двете земји, како и за други актуелни меѓународни прашања.
Министрите Димитров и Климкин ќе потпишат и Заедничка декларација меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји, како и Меморандум за заемна соработка меѓу Дипломатската академија во македонското МНР и Дипломатската академија „Генадиј Удовенко“ во Министерството за надворешни работи на Украина. По средбата предвидена е заедничка прес-конференција на двајцата министри.