Студентите и професорите од Правниот факултет од Универзитетот во Тетово пред колегите го претставија проектот „Мерење на перцепциите за нивото на корупција во јавните институции во Полошкиот регион“, кој е заеднички проект спроведен во соработка со академскиот кадар и студентите од холандскиот Врије Универзитет од Амстердам.
Во претставените главни наоди од испитувањето на мислењето на граѓаните на прашањето „Кои се секторите кои се најмногу погодени од корупција“ – испитаниците најмногу ги посочиле судскиот систем (74,3 отсто), политичките партии (72,8 отсто) и образованиот систем (41,5 отсто). Над 75 отсто од испитаниците сметаат дека во последните пет години нивото на корупција е зголемено. Над 46 отсто од луѓето рекле дека во случаи кога не било потребно им било побарано дополнително да платат или да дадат подарок, најмногу при посета на лекар. Од испитаните 90 отсто никогаш не пријавиле корупција.
Деканот на Правиот факултет Јусуф Зејнели во изјава за медиумите рече дека со ваквите анализи важно е тоа што како академска заедница даваат придонес во подобрување на состојбите.
-Ние знаеме дека ова е една актуелна тема на нивото на нашата држава и поради тоа ние сакаме да дадеме придонес- да се надминат состојбите, но знаеме и од јавноста и од меѓународните организации, дека има малку измени во нивото на перцепција на ова нешто што е лошо за нашата држава. Треба да се промени менталитетот, сите служби да работат постручно, да се почитуваат и сите закони за да функционираме точно таксативно како правна држава и конечно да бидеме дел од ЕУ. Бидејќи како граѓани тоа го заслужуваме, изјави деканот Зејнели.
Според него важен дел од промена во перцепцијата е информирањето на младите за корупцијата.Воедно и дека има потреба за промени во институциите за да се избегне сомневањето дека во одредени установи има корупција.
-И тоа е една од нашите цели, младите, граѓаните сите да се информираат и да соработуваат и да знаат дека ова е нешто лошо, што треба задолжително да се надмине. Сега чекаме да почнеме преговори со ЕУ и да бидеме дел од ЕУ и да бидеме и економски и како образовен систем поразвиени. Перцепцијата е таква што се мисли дека има сомнителни кај институциите но не кај сите. И тоа значи дека овие заклучоци можат да се користат од јавните институции и тие да гледаат каде треба да се менуваат, како треба да се менуваат политиките, на почитување и спроведување на законите. Знаеме дека не може да се надмине преку еден ден, сите како општество треба да работат и да земат голема одговорност секој да биде еднаков пред законите и да се надмине тоа прашања, рече Зејнели.
Студентите со анкети на граѓани пополниле 400 прашалници во деветте општини во Полошкиот регион, вклучително и сите етнички групи кои живеат таму.