Наместо во овој период да се одржуваат редовни средби со синдикатите и да се најдат решенија за исплата на минималната плата и скалесто усогласување со другите плати, Владата без никакво обајснување го прекина социјалниот дијалог, велат од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани, на денешната прес-конференција.
Според нив со оваа постапка Владата го зголемила незадоволството и револтот кај вработените.
– Поради прекинот на социјалниот дијалогот и неинформирањето на синдикатот, поради ваквата настаната ситуација и се поголемите барања од синдикалните организации за протести, јавно ги повикувам сите членови на Синдикатот на УПОЗ и сите вработени во управата и правосудството кога Синдикатот ќе повика да го искажеме незадоволството преку прекин на работа да се одржи протест, дали уште ден два ќе има неколку законски измени на Влада, доколку поминат имаме спремни амандмани и ќе пробаме да ги искористиме сите можности да ги ставиме на гласање доколку и тоа не се случи доколку не се предвиди усогласување со минималната плата ќе се договориме сите синдикални организации за времето и начинот на одржување протест, изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Искажа загриженост поради тоа што не е изменет ниту еден Закон, со кој се регулираат платите на вработените во управата и правосудството.
-Без да направат законски измени ниту еден вработен во управата и правосудството нема да ја добие новата вредност на минималната плата и повторно само овие вработени во државата ќе останат со плата под минималната, од оние неофицијални информации кои доаѓаат до нас произлегува дека скалесто усогласување на платите во управата и правосудството нема да има, наместо скалесто усогласување вработените, кои се над минималната плата ќе добијат од 600 до 900 денари повеќе. Ваквиот однос на Владата кон сопствените вработени е разочарувачки, наместо да се труди вработените да ја достигнат просечната плата се најдовме во ситуација во која 50 проценти од вработените се под или до новата вредност на минималната плата, во ситуација кога синдикалната минимална кошница за месец февруари изнесува 36.146 денари, од кои само 15.440 денари се трошок за исхрана и пијалоци, наместо да се изготвуваат измени на законите се испраќаат заклучоци од седници кои на никој не му се јасни, и со кои сакаат платите наместо со закон и со колективен договор, да се регулираат со заклучок или уредба на влада, појасни тој.
Љубиша Јовановски, вработен во Агенција за катастар на недвижности се согласи дека незадоволството е огромно и дека секојдневно до организациите пристигаат барања за одржување на протести.
-Ова што е кажано досега е само еден мал дел од незадоволството кое е огромно во администрацијата, и верувајте сите вработени чекаат да се каже само денот и 99 проценти од нив ќе излезат на протести и на улица, бидејќи незадоволствотот е големо, платите во администрацијата се многу ниски, подвлече Јовановски.
На прес-конференцијата беше истакнато дека во моментот има од 15.000 до 16.000 вработени, кои земаат плата со Закон во јавниот сектор и доколку нема измени нема да добијат ниту минимална плата, ниту било какво друго усогласување со плати.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ на прес-конференцијата информира дека при правење на пресметката за новата методологија за закон за административни службеници е утврдено дека во рок од година и пол од администрација имаат заминато 5.000 вработени од кои мал дел со природен одлив, односно заминување во пензија, а околу 4.000 вработени се заминати поради неконкуренстност на плати, дел од нив е заминат во странство, дел во приватен сектор. (МИА)