понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Уште утре фрлање вакцини против беснило кај лисиците

Уште утре фрлање вакцини против беснило кај лисиците

Утре завршува реализацијата на есенската кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство за орална вакцинација на лисците против беснило. Акцијата почна на 11 октомври од спортските аеродроми во Скопје и Штип.

Заклучно со утрешниот ден авионски ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки на целата територија на  Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови.

Вакцините содржат атенуиран вирус на беснило и се наменети исклучиво за имунизација на лисици. Со нив не смее да се врши имунизирање на домашните животни. Миризбата од мамката може да ги привлече домашните миленици и тие да ја конзумираат мамката.

– Сопствениците на домашните миленици во текот на кампањата и две недели по фрлањето на вакциналните мамки да не им дозволат слободното движење на кучињата и мачките во регионите каде се врши или е извршена вакцинацијата. Граѓаните да внимаваат при движење во природа и ако најдат мамка никако да не ја допираат, апелира АХВ.

Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило и биолошки маркер – тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата.

– Апелираме мамката да не се допира, но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, таа треба внимателно да се отстрани и да се остави во помалку населена област, каде ќе биде неможно да дојде во контакт со деца. Ако се случи граѓаните да дојдат во контакт со течната содржина од капсулата, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар. Мамката внимателно треба да се земе со ракавица или кеса и да се понесе со себе, наведува Агенцијата.

Детално упатство за постапка доколку дојдете во контакт со вакцинална мамка може да се преземе од веб страницата на АХВ.

По реализација на вакциналната кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација.

Тринаесеттата вакцинација на лисиците против беснило Агенцијата ја реализира со финансиска поддршка од Европската унија.

МИА

Најнови вести