На снимката може да се види како неколку бугарски државјани се приближуваат кон полицајците, иако предупредени да не го прават тоа, и им се обраќаат на висок тон.
Бугарскиот пратеник Ангел Георгиев од партијата Преродба, на Фејсбук во живо го пренесуваше инцидентот во кој бугарски државјани при влез во Македонија на граничниот премин „Деве Баир“ се обидоа да ги нападнат македонските полицајци, по што беа приведени.
На снимката може да се види како неколку бугарски државјани се приближуваат кон полицајците, иако предупредени да не го прават тоа, и им се обраќаат на висок тон. Тие негодуваат за нивни сограѓанин кој бил спроведен во просториите на полицијата на граничниот премин.
Потоа бугарските граѓани и се втурнуваат кон полицајците по што тие се обидуваат да ги оддалечат од зградата на граничниот премин и доаѓа до буткање.
МВР денеска информираше дека тројца бугарски државјани биле приведени на граничниот премин „Деве Баир“ бидејќи се обиделе физички да нападнат полициски службеници.
„Околу 12.45 часот на Граничниот премин Деве Баир дошло до нарушување на јавниот ред и мир од страна на Г.З (35), А.Х (50) и Р.Х (54) бугарски државјани кои најпрво вербално, дрско и недолично со најпогрдни зборови се однесувале. Потоа се обиделе и физички да ги нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства, при што се приведени и се работи на целосно расчистување на случајот“, известија од МВР.
Како што информираа претходно од МВР, отстранет е дефектот на системот на сите гранични премини и се пропуштаат возила за влез и излез од земјава.
Од утринава неколку часа беше во прекин протокот на возила на граничните премини поради пад на системот. Поради тоа, на бугарските државјани кои денеска тргнаа кон Скопје да се поклонат на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев им беше оневозможен влез во Македонија.
Ова предизвика тензии и расправии на граничниот премин „Деве Баир“ каде што бугарски државјани, поради неможноста да ја преминат границата, упатуваа навреди и недолично се однесуваа кон македонската гранична полиција.