Улогата на уметноста во отсликувањето на историјата е во фокусот на изложбата организирана синоќа во Американската амбасада во пресрет на 4 Jули – Денот на независноста на САД, со која се одбележуваат „245 години од патувањето на Америка“.
Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз во присуство на претседателот на Собранието, Талат Џафери и претставници на институции од областа на културата и уметноста, уметници и други гости, истакна дека виртуелната изложба „Ноќ во музејот“ е обид во услови на пандемија да се одржи посебен настан со физичко присуство, со кој ќе се покаже дека се наѕира светло на крајот од тунелот, по што продолжуваме по патот напред.
– Уметноста ни дава контекст и перспектива потсетувајќи не на времињата во кои сме надминале предизвици и сме се соочиле со кризи кои се чинеле огромни речиси ненадминливи во тоа време. Оваа изложба дава хроника на нашата Војна за независност и раѓањето на нашата демократија. Таа не носи низ нашата експанзија кон запад, до темните денови на нашата Граѓанска војна, се до 20-от век со сите бурни превирања од двете светски војни и големата депресија. Таа не води низ Студената војна и нејзиното пропаѓање, до трагедијата од 11 септември, па се до сегашноста. Оваа уметност ја покажува Америка каква што е – претставничка демократија во континуиран развој со сите нејзини убавини и недостатоци. Таа ја дава суштината на тоа кои сме ние – нација создадена на сет на идеaли кои го издржаа тестот во изминатите 245 години, која продолжува да се бори за уште подобра унија, рече Брнз.
Со користење на иновативна технологија беа презентирани дела кои припаѓаат на колекцијата на Музејот „Смитсонијан“ и ги претставуваат клучните периоди од американската национална историја.
– Да, постојат предизвици кои треба да ги надминеме и да, напредокот може да биде бавен. Но, како што покажува оваа изложба, ова е само еден момент во времето, фотографија во албумот на историјата исполнет со постигнувања и развој кои нашите претходници не можеа да го замислат пред 245 години. Дозволете да прошетаме низ тој албум вечерва размислувајќи за неговата пространост и гледајќи напред кон градење на споделената иднина по која трагаме, порача Брнз.
Присутните можеа да погледнат и дел од постојаната поставка на Амбасадата со дела од американски и македонски уметници, меѓу кои и две скулптури позајмени од Националната галерија. Поставката е дел од Проектот „Уметност во амбасадите“ воспоставен во 1963 година и овозможување градење меѓукултурен дијалог и заемно разбирање преку визуелната уметноста и размена на уметници.
Амбасдата поради ковид пандемијата и оваа како и минатата година Денот на независноста – ќе го одбележи со виртуелен настан на самиот празникот – 4 Јули, кој ќе се пренесува директно на фејсбук страницата на Абмасадата.