Претставници на Владата во еден ден даваат различни изјави во врска со пописот, што сериозно го отвора прашањето дали власта има воопштво став за реализирањето на најголемата статистичка операција. Од ВМРО-ДПМНЕ изминативе денови дадоа неколку предлози, за кои министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и портпаролот на Владата Муамет Хоџа, имаат различни одговори.
ВМРО-ДПМНЕ предлага да се набават 10.000 терминали за отчитување на отпечатоци од прст и да се попише резидентното население. Тие терминали ќе бидат со можност за отисок од прст и само така ќе се изврши реален попис, кој ќе даде реални статистички информации.
Од партијата предлагаат и објавување на методологијата според која се планира пописот, и овозможување на пошироката засегната и стручна јавност да даде допринос во насока на подобрување.
На денешната прес-конференција во Владата, Хоџа истакна дека се разгледува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на терминал за отпечаток од прст за пописот.
-Ова се разгледува од надлежните институции, но сакаме да потсетиме дека спроведувањето на пописот е во интерес на сите. Државата треба да ги знае клучните статистички податоци и тоа е операција која повеќе не смееме да ја одложуваме зашто нејзиното организирање е за општо добро, истакна Хоџа.
Треба сите да бидеме свесни, нагласи, колку ни се неопходни податоците кои треба да ги даде пописот за планирањето на развојот на државата.
Спротивно на оваа негова изјава, министерката Шеќеринска на денешниот настан истакна дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е само уште еден обид да се одложи пописот.
-Кога една партија неколку месеци пред пописот што сите го чекаме речиси 20 години, ќе ви даде предлог да се купат илјадници апарати за чија набавка не само што требаат пари, туку треба и долг временски период, тоа практично покажува дека повторно не сака да има попис. Тоа е истата партија која еднаш тргна во попис, самата ги рушеше правилата на попис. Потроши 4 или 7 милиони евра и потоа рече „пу пу не важи“. Оваа држава не може веќе ништо да планира и не може да личи на сериозна држава ако уште еднаш го одлага пописот. И овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ е само уште еден обид да се одлага пописот и да се проблематизира за да не се покаже дека кога државата сака да има попис, може да има попис, рече Шеќеринска.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека нивните предлози власта мора да ги прифати, доколку целта и е спроведување на попис, а не политички договор кој ќе има само употреба за едни избори.