вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ: Правосудството е понижено, во случајот „Поткуп“ постои доказ на кој јасно се гледа дека Заев бара пари, а не се користи

ВМРО-ДПМНЕ: Правосудството е понижено, во случајот „Поткуп“ постои доказ на кој јасно се гледа дека Заев бара пари, а не се користи

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека правниот систем во Република Македонија колабира под политичките притисоци. Од опозициската партија потенцираат дека наместо правосудството да се доближува кон европските стандарди, македонските судови замижуваат пред одлуките на Европскиот суд за човекови права.

-Врховниот суд на Република Грција цени дека во Република Македонија загарантираното право на правично судење е нарушено, а основните човекови права се загрозени. Не станува збор за одлука на некој суд на земја која што е надвор од ЕУ, туку одлука на суд кој мора да ги почитува конвенциите и пресудите на ЕСЧП. Каков е денеска политичкиот притисок врз македонското судство говори и фактот што сосема поинакви аршини се употребуваат во предметите Поткуп и Тенк. Предметот Поткуп во кој обвинет е Зоран Заев, се повеќе од 3 години талка по судовите кои беа обвинети дека биле дел од режим, додека предметот Тенк, каде обвинети се неистомисленици на Заев за нецела година експресно е доведен до финиш, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека судот 3 години играше по нотите на Заев и 12 пати ги одлагаше рочиштата за Поткуп со апсурдни образложенија.

-Правосудството во државата е понижено. Додека рочиштата за Тенк траат и по 12 часа, рочиштата за Поткуп завршуваат и по нецел час. Поткуп е случај во кој постои доказ, кој е легално прибавен и од кој јасно се гледа како Зоран Заев бара поткуп од 200.000 евра, а сепак истиот не се користи. Ова е апсолутен доказ дека судството е под контрола на Зоран Заев и картелот кој го води, се вели во соопштението.

Од партијата обвинуваат дека заробеното судство оди во пакет со медиумите под контрола на власта. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека медиумскиот апарат под контрола на СДСМ во текот на целиот случај создава искривена перцепција за ослободување на Заев.

-Заев во изминатава година откако управува со Република Македонија ја зароби државата и ги злоупотребува институциите. Правото е дерогирано, а правосудниот систем понижен. Ова систематско ништење на државата мора да запре. Државата и граѓаните заслужуваат подобро. Да тргнеме во битка за државата и конечно да ја поразиме оваа ненародна влада која што и се случува на нашата татковина, пишува во соопштението.

Најнови вести