Денес во седиштето ВМРО-ДПМНЕ се одржа комеморативна седница во чест на Неговата екселенција, професорот, Љубиша Георгиевски.
При самата комеморативна седница се обрати Роберт Вељаноски, кој посочи дека да се биде современик на безвремениот Љубиша Георгиевски е привилегија со која човекот Љубиша Георгиевски не почести сите нас.
-Неговата татковска трпеливост и бескрајна духовитост, ја чинеше секоја средба празник за умот и душата. Беше ласерски прецизен во мислата и зборот, умерен кога нудеше и бескрајно дарежлив кога даваше совет. Љубиша Георгиевски беше човек доследен на својот професионална определба. Беше човек сега и овде. А, беше присутен секаде каде што требаше и секогаш кога требаше. Љубиша Георгиевски достоинствено и ненаметливо, беше активен учесник, поддржувач и еден од креаторите на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кој несебично се вложуваше себеси во идеологијата во која безрезервно веруваше, идеологија која тој длабоко ја чувствуваше во своите дамари и која ја препознаваше во сопствениот ген. Би требало да се истакне дека е непроценлив неговиот придонес во политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваа на македонската култура, каде на располагање го стави сиот свој раскошен интелектуален и човечки потенцијал и капацитет.
По завршување на обраќањето на Роберт Вељаноски, свое обраќање имаше и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во продолжение го пренесуваме неговиот говор:
„Што туку дознав од госпоѓата Георгиевска дека сакал да ми каже да имаме конвенција за избор на претседател. Епа драг професоре, ќе имаме таква конвенција во Струга во февруари месец. И тоа беше одлука на последниот Извршен Комитет на партијата.
Мартин Лутер Кинг велеше можеме да го прифатиме конечното разочарување, но никогаш не смееме да ја загубиме бесконечната надеж. А луѓето не умираат кога престануваат нивните животи, туку живеат се додека се паметат нивните дела.
Професорот Љубиша Георгиевски беше еден од ретките интелектуални и плодоносни синови на оваа земја кој остави зад себе неизбришлива трага која ќе се памети низ годините и децениите што следат.
Луѓе растеа, живееја и остаруваа со неговото творештво. Неговите сестрани дела се додадена вредност во културната, театарската, филмската и научната сфера на нашата мила татковина. Неговиот бистар ум и течна мисла ги доловуваше најсуштествените аспекти на човечкиот живот. Неговите филмови остануваат историско благо за нашата татковина. Синовите на една нација не се забораваат, тие продолжуваат да живеат, да се споделуваат, да се сеќава нацијата на нив.
Ниче велеше најтивките зборови носат бура, а мислите кои доаѓаат тивко на прсти, управуваат со светот. Таков беше професорот, тивок, иако ненаметлив, но доминантен, и впечатлив човек кој умееше со неговата ненаметливост да стане предводник на процесите, да биде вистински предводник на една генерација која со себе носеше мудрост, знаење но и визија.
Тој воедно беше и исклучителен патриот, непоправлив оптимист, но и сведок на сите историски премежја низ кои што поминала неговата татковина Република Македонија. Неговата грамадна големина во битисувањето на македонската држава, неговата исклучителна љубов кон нашата земја и нашиот народ ќе биде запаметена.
Секогаш се ставаше над ситуацијата и ја гледаше големата слика. Тоа го чинеше неговото животно и професионално искуство. Јас можам да кажам дека ја имав приликата во последниот период да поминам повеќе часови во разговори во кој најчеста тема беше токму состојбата во Република Македонија, за нашата татковина.
Загрижен ќе му речев, државата ни ја разграбуваат, ја уништуваат. Со секој поминат ден, се помалку ја има. Ќе се насмееше и ќе одговореше Македонија е претседателе, поголема од сите неправди, прогони и наказувања, и таа сепак ќе воскресне и победи, бидејќи таа е идеја, емоција и наша судбина.
Ми велеше Бог секогаш има план. Македонија не постои за да биде уништена, туку да им пркоси на оние кои сакаат да ја уништат. Особена чест ми беше кога присуствуваше во МНТ при одбележувањето на празникот 23-ти октомври, денот на Внатрешната револуционерна организација. Иако во поодминати години тој сепак дојде, беше дел од манифестацијата. За мене тоа беше чест, а за него исто така беше одавање на почит кон светите букви ВМРО, но и кон партијата ВМРО-ДПМНЕ за која посвети значаен дел од својот живот.
„Ако понекогаш блескав, тоа е само затоа што горев“, беа негови зборови, но тој 23-ти, и секогаш порано постојано блескаше со својот карактер и големина.
И ми пренесе еден негов претходен цитат, велеше – „Христијан, знам дека има многу невистини, многу напади врз тебе, но знај дека сите оние кои низ животот ми ги вадеа очите, ми ги цртаа веѓите после тоа“.
Тоа е големиот професор, а ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе го паметиме и негуваме неговото дело.
Во негова чест ќе предложам пред органите на партијата, партиско истражувачкиот аналитички центар да го носи токму името на професорот Љубиша Георгиевски, како скромен допринос за неговото големо дело и посветеност кон партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија го почитува безвременското дело неговото. Таа 94-та година ги започнав моите политички активности во ВМРО-ДПМНЕ за време на тие претседателски и парламентарни избори, како претседател професорот Љубиша Георгиевски го напушти современиот живот но ќе остане безвремен помеѓу нас.
И затоа наместо едноминутно молчење, мислам дека е соодветно да станеме сите и да му дадеме почит со огромен аплауз.
Почивај во мир професоре“-заврши Мицкоски.