Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата на Заев денес отпочнува изградбата на браната Конско, уште еден проект кој беше изготвен од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, што говори дека оваа власт е неспособна и безидејна да подготви вакви капитални проекти.
-Многу повеќе проекти ќе се реализираат за граѓаните доколку Заев и криминалниот картел не ги одлеваа народните пари по фирмите блиски до власт за наводна иновативност и набавки. Браната Конско е проект со кој ќе се овозможи водоснабдување на Општина Гевгелија и ќе се обезбеди можност за гравитационо наводнување на околу 8.000 ха површини земјоделско земјиште кои сега се наводнуваат со пумпање. Со реализацијата на овој проект дополнително ќе се создадат услови за обезбедување нови количини вода за подобрување на хидролошката состојба на Дојранското Езеро, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ го поздравува тоа што овој проект ќе се реализира, иако речиси цела година беше одложуван. Од таму велат дека е јасно е дека Заев ја применува старата пракса со одложување на проектите од претходната власт од година-две, потоа да ги прикаже како свои.
-Проектот во фаза на подготовка беше завршен од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во период 2010-2015, во кој период беа завршени сите фази од основен проект, студии за оцена на влијание врз животна средина, па се до избор на најповолен изведувач. Отпочнувањето на изградбата на браната Конско е уште една потврда за правилната политика водена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено и потврда дека СДСМ ја лажеа и манипулираа јавноста пред две години, кога го оспоруваа овој проект и велеа дека бил воден во криминална постапка. Сега кога прашината падна им преостанува само да се китат со туѓи перја. Јавноста веќе ги прочита и затоа не им верува колку и да се сликаат и фалат со нешто кое не само што не го направиле, туку и бесрамно го плукале, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.