Православната црква во четврток го слави Светиот великомаченик Димитрија, во народот познат како Митровден. Ова празник кој има фиксен датум, секогаш паѓа на 8 ноември.
Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…
Свети Димитриј е роден во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос.
Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, сврати во Солун, за да ја испита работата. Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството.
Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.
За овој ден постои верување. Во очите на Митровден секој треба да биде во својата куќа, бидејќи ако не биде дома, тој цела година ќе преноќува по туѓи куќи.