среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Вознемирувачки случај на семејно насилство во Македонија: Мајка си го тепала синот, а со нож го нападнала сопругот – државата дозволила детето да преспива кај неа, МОЛК од институциите

Вознемирувачки случај на семејно насилство во Македонија: Мајка си го тепала синот, а со нож го нападнала сопругот – државата дозволила детето да преспива кај неа, МОЛК од институциите

Вознемирувачки случај на семејно насилство во Македонија. Мајка која неколку пати го тепала своето дете и против која има пријави во полиција, од Центарот за социјални работи добива дозвола секоја втора недела, по четири дена, да го зема детето на чување со преспивање.

Жртва на насилство од нејзина страна е и нејзиниот сопруг со кого е во бракоразводна постапка.

Член на нивното семејство ја контактираше редакцијата на КУРИР, за да нè запознае со овој скандалозен случај, во кој институциите носат одлука која може да уништи еден детски живот.

Скопјанката која повеќе пати го напаѓала својот мал син и неговиот татко, според сведоштвото на член на семејството, била поранешен пациент на психијатрија.  Таму била сместена во 2016-та година.

-Таа има низа пороци. Употребува дрога, пие алкохол и се коцка. Сега е во врска со човек за кој сме сигурни дека е дилер на дрога. Детето го возат во автомобил додека пушат марихуана и детето тоа го дише. Што сака да направи од детето? Нејзиниот син се плашеше кога ќе ја види, а сега треба да спие таму, каде таа живее со нејзините баба и дедо, кои се прабаба и прадедо на детето, вели нашиот соговорник.

За насилството кое таа го правела врз нејзиното дете, сведочи и полицискиот билтен.

„На 08.11.2022 во 21:00 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, 32-годишен маж од Скопје пријавил дека неговата сопруга И.П., со која е во бракоразводна постапка, физички го нападнала нивниот малолетен син. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ – информираа од МВР минатиот месец.

Таткото во месец мај го напушта семејниот дом, откако по неколку насилства врз него, според семејството, сопругата ги преминува сите граници и го напаѓа со нож. Со него го зема и детето и заедно заминуваат во домот на неговите родители. Во тој момент детето има само една ипол година.

Три години биле во брачна заедница. По раѓање на детето, насилство трпат таткото и синот.

Сега, како што информираат од семејството, има две кривични пријави за семејно насилство од нејзина страна. Поради тоа, прво е донесена одлука, додека трае бракоразводниот процес, детето да остане со таткото. Но, без никакво дополнително објаснување, социјално донесува ново мислење, мајката да го гледа секој втор викенд со спиење.

-Како е можно да донесат таква одлука? Ние имаме докази како сме пријавувале, сме праќале и известувања до Центарот за сите насилства од нејзина страна. Видувањата баравме да бидат во присуство на социјален работник. Семејството во страв е сега.  Ја гонат за семејно насилство, а детето кое откако го нападна таа со повреди е однесено на лекар, сега се носи одлука да преспива кај неа, вели нашиот соговорник.

КУРИР побара одговори од Центарот за социјални работи во Скопје. Во текот на вчерашниот ден, по пријавата која ја добивме, испративме прашања на нивната официјална е-маил адреса. Но, одговор немаме добиено.

Од рано утрово, повеќе од 10 пати се обидовме да стапиме во контакт со нив, но без успех. Иако нивното работно време е од 8 часот, тие не одговараат на нашите телефонски повици.

Неодговорниот пристап кон медиум е секако за осуда, но тоа што е во случајов скандалозно уште повеќе, е недостапноста на Центарот за социјални работи кој носи одлуки, меѓу другото, ЗА ДЕЦА!

Идентитетите на мајката, таткото, детето, како и на социјалниот работник кој го работи случајот, се познати во редакцијата на КУРИР, но заради нивна заштита додека не се донесе друга одлука, нема да ги објавиме.

Најнови вести