Вработените во прилепскиот загубар „Еурокомпозит“ денеска од 12 до 14 часот го блокираа патот Прилеп-Градско на излезот на градот, пред Плетвар. Инсистираат да им бидат исполнети барањата за исплата на две плати за да почнат да работат и да чекаат шест месеци, како што е договорено со Владата, да се најде стратешки инвеститор и конечно да се реши состојбата со фабриката.
Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација, изјави дека ќе ги радикализираат протестите и оти следната недела ќе протестираат пред Владата. Истовремено бараат средба со премиерот Зоран Заев и оставка од раководството.
– Ги радикализираме протестите. Денеска го блокиравме регионалниот пат на излезот од Прилеп два часа и секојдневно ќе протестираме час повеќе. Ни самите немаме веќе избор зашто ништо не се решава. Нашите барања се познати: исплата на плати за да почнеме да работиме, плати да се исплаќаат и наредните шест месеци во кои се согласуваме со владиниот услов да чекаме за да се најде стратешки инвеститор и конечно да се реши состојбата. Во фабриката нема вода ниту услови за работа, раководството не го гледаме и затоа бараме оставка од менаџментот. Бараме средба со премиерот Зоран Заев. Нашите протести ќе ги радикализираме и во вторник ќе протестираме пред Владата, изјави Богданоски.Генералниот директор Александар Кузески во телефонски разговор рече дека денеска во Владата се разгледува планот за работа во „Еурокомпозит“.