Средба од информативен карактер на која Ковачевски практично го презентираше сето ова кое изминативе денови го слушаме во јавноста.
Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицоски ја оцени денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски, а на која тема беше францускиот предлог.
-Дадов свое гледиште на текстот и би извлекол дека ниту за мене лично, ниту за ВМРО-ДПМНЕ овие два документи вакви какви што се прифатливи. Немаме намера истите документи да ги прифатиме. Тоа е одлука не само на Христијан Мицкоски, туку и на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Му понудив на Ковачевски да излезе и да го одбие ова кое е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барање за предвремени парламентарни избори, истакна Мицкоски.
Тој додаде и дека предложил да ги стави сите капацитети на ВМРО-ДПМНЕ институционално и да и помогнат на владата во надминување на предизвиците кои зимава ќе се појават.
-Мислам на безбедносните, енергетски, финансиски, предизвици со храна. На пролет кога ќе ја поминеме, според мене и многумина најтешката зима, да направиме реевалуација на состојбата. Ова не е преговарачка рамка со која ние обезбедување европска иднина. Ова е преговарачка рамка со која или асимилираме и бугаризираме, па така да бидеме дел од ЕУ, или никогаш нема да бидеме дел од ЕУ, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски истакна и дека побарал да бидат извршани членовите 11 и 14.
-Членот 11 од записникот детерминира дека нема да бидат започнати преговори се додека не го промени Уставот, а членот 14 се повикува на протоколот кој е дел од втората меѓувладина конференција помеѓу Македонија и Бугарија, во кој се наоѓаат историските прашања, образованите и културни прашања, промената на учебниците. Еве, да ги избришат тие два члена, а потоа во преговарачката рамка да ги избришат деловите каде се наоѓаат годишните прегледи, делот каде се дефинирани Копенхагеншките критериуми. И да го избришат делот каде се повикуваат на протоколот од втората меѓувладина конференција, потенцираше Мицкоски.
Во одговор на новинарските прашања, Мицкоски рече дека за неговите предлози не добил одговор од Ковачевски.