Премиерот Зоран Заев во текот на вчерашниот ден го презентира четвртиот пакет економски мерки за помош и поддршка на населението за справување со последиците од пандемијата. Во делот за поддршка на културните работници, тој најави помош од 6.000 денари односно платежни картички во вредност од 6.000 денари за голема потрошувачка со цел за развој на домашните економски дејности.
-Продолжуваме со платежни картички за граѓаните за поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности. Овој пат платежни картички со износ од 6.000 денари ќе ги добијат самостојните уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници чија бројка е 520 корисници‘, вели Заев.
Наспроти ваквите најави на Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес конференција коментирајќи го четвртиот сет мерки на Владата, истакна дека Заев ги понижил културните работници.
-Владата на Зоран Заев културните работници како што таа самата вели ги направи социјални случаи, па ги стави го групата на социјално ранливи категории и со срамни 6.000 денари еднократна помош се обидува да го надомести сето она кое што се случуваше во изминатиов период, пред се мислам на неисплатените плати во културата за културните работници кои што доцнат повеќе од два месеци, вели Мицкоски.
Според Мицкоски со ваквиот третман од страна на Владата и Зоран Заев им е нанесен срам на културните работници. Мицкоски додаде дека поради тој како што вели „брутален срам кој што им е нанесен на културните работници, министерката за култура треба да поднесе неотповиклива оставка“.
-Поради тој брутален срам кој што им е нанесен на културните работници, министерката за култура треба да поднесе неотповиклива оставка. Бидејќи нејзините колеги, културните работници таа самата како соучесник во мафијашкото однесување на Заев, ги стави во групата на социјално ранлива категорија и ги направи социјални случаи, вели Мицкоски.