Советникот на премиерот Зоран Заев, Горан Стаменковки денес од велешкиот суд доби ослободителна пресуда.
Тој, како вработен во скопскиот Кривичен суд пред повеќе од две години беше обвинет од тогашната портпаролка, Паула Костадиновска, дека физички ја нападнал.
Според тогашните пишувања на медиумите Стаменковски почнал да ја турка од столчето и на висок тон да и вика „станувај“, а откако Костадиновска исплашена застанала зад судијката која во моментот била присутна продолжил со заканувачки пораки – „ќе видиш што ќе ти направам ќе ме паметиш цел живот нема да знаеш што ќе ти се случи“.
Медиумите објавуваа дека судскиот службеник Горан Стаменковски, и премиерот Зоран Заев се запознале на протестите на Шарената револуција, а по промена на власта Стаменковски е поставен за советник на премиерот. Заев тогаш изјави дека се работи за личност која може многу да понуди и затоа му е дадено место во Владата.
-Стаменковски по образование е во делот на социјалната политика. Во судот нема одлучувачка позиција, не е судија и не е поротник. Има амбиција да се вгради во нашето општество и да помогне за што ќе ги чека конкурсите. Се работи за лице сликано до мене на шарената револуцијац поради што имал непријатни моменти од поранешниот претседател на судот. Неговиот пекол почна кога се појавија слики со мене, од таму и измачувања. Јас му верувам и од тогаш станавме пријатели, рече Заев.
Во јануари годинава медиумите објавија дека вработен во Кривичниот суд физички нападнал судија во неговата судница.Тепачката се случила во судницата на поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски, а напаѓачот бил идентификуван како Горан Стаменковски инаку раководител во судот и близок соработник на новиот претседател Иван Џолев.