Додека ги решаваме крупните прашања во државата, додека се справивме со најсериозните предизвици коишто ги имала државата, вклучително и пандемија од 18 месеци ја покачивме минималната плата на 15.200 денари, таа не е повеќе 9.000 денари, со интенција да ја покачиме на 18.000 што е 100-процентно покачување на минималната плата, порача вечерва на караванот „Најдоброто за мојата општина“ во Радовиш, претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Заев нагласи дека ова е постигнато за само четири години, во кои државата постигна големи успеси на меѓународен план.
-Сега сме пријатели со целиот свет со сите наши соседие, денес нашиот суверенитет, нашиот територијален интегритет, нашата државност е заштитена, потврдена и обезбедена, заштитувајќи го тоа што е наша национална посебност, гарантирајќи го тоа што е важно за граѓаните а тоа е иднината. Сите овие успеси кои ги направивме, доаѓаа политичари 30 години ги ветуваа НАТО, ЕУ, ЕУ, НАТО – успеавме ние да ги реализираме. Еве после 20 години и попис спроведовме и покажавме кој има капацитет кој нема капацитет. И денес имаме основни податоци на кои ќе развиваме рамноправни регионални политики, да инвестираме и во градовите и во селата и во главниот град ама и во внатрешноста, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев од Радовиш.