Премиерот Зоран Заев вели дека Зоран Милески – Кичеец има право, како и секој издржувач на затворска казна, да патува, да оди на викенд и да користи годишен одмор.
Милески беше еден од учесниците во тешката сообраќајна несреќа во саботата, на Стража, на патот Маврово-Кичево. Премиерот додаде дека нема сознанија зошто Милески патувал во Скопје, но се заинтересирал за настанот и ја контактирал Управата за извршување санкции.
-За настанот дознав од медиумите. Прво сакам да изразам сочувство до семејството за загинатиот, а на повредените да им посакам побрзо закрепнување од оваа сообраќајка незгода. Разговарав со директорот на Управата за извршување санкции, и тој ме информираше дека Милески имал целосна документација за лекување. Тоа е право на секој затвореник, како што има право на годишен одмор, има право на викенд, така има право на лекување. За деталите ве упатувам на Управата за извршување санкции. Не знам зошто се упатил кон Скопје, можеби поради лекарска помош, треба да прашате во Управата, рече Заев.