Премиерот Зоран Заев во текот на кампањата на последните предвремени парламентарни избори најавуваше кратење на администрацијата за 20%. Истиот став го повтори и пред две недели во интервјуто во емисијата Економски магазин.
Драстичното намалување на непродуктивните трошоци, вклучително тука и намалување на администрацијата за 20 проценти е нешто што ќе ослободи дополнителни финансиски средства за да ја помагаме економијата со капитални инвестиции. Нашата продуктивност мора да ја изедначиме со онаа на земјите од ЕУ, а тоа ќе дојде со доследно спроведување на реформите од правосудството до образованието, изјави премиерот Заев.
Не цели две недели траеше оваа изјава за рационализација на администрацијата за вчера јавноста да дознае дека власта подготвува нови 800 вработувања.
-Следната недела се очекува да биде објавен оглас за вработување на Албанци во администрацијата, велат партиски извори од ДУИ, за весникот „Лајм“.
Конкурсот кој што се подготвува, предвидува вработување на вкупно 800 административци, од кои 640 ќе бидат Албанци, а 160 од други етнички заедници.
-Сега ни е полесно. Првиот вицепремиер е од редовите на ДУИ, Артан Груби, министерот за финансии е наш, Фатмир Бесими. Ќе има повеќе вакви конкурси за постигнување адекватната застапеност, најавуваат од ДУИ, објавувајќи ги овие долго очекувани информации од јавноста, особено од младите кои штотуку дипломирале- изветуваат извори за Лајм.
Целиот процес ќе се одвива под палката на министерството за информатичко општетство и администрација, ресор кој го води кадарот на ДУИ Јетон Шаќири, доскорешен професор на Меѓународниот универзитет во Струга и поранешен директор на Водовод и канализација од Струга. Шаќири го наследи Дамјан Манчевски на позицијата министер, кој три години најавуваше реформи во администрацијата, ама на крајот се повлече од сите државни и партиски функции во СДСМ.
Дополнителна нелогичност е фактот што според последните информации кои доаѓаат од Владата се уште има и 1300 административци од рамковниот договор кои земаат плата, а не работат и кои не се распределени во останатите институции. Оттука е нејасно зошто е потребата од нови вработувања на припадниците на етничките заедници кога уште не се распределени над илјада други кои биле вработувани по истиот основ на претходните огласи.