недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Заев не ги прифати оставките, вели Филипче и Хасани спасиле илјадници човечки животи – Виновен е прегреаниот кабел

Заев не ги прифати оставките, вели Филипче и Хасани спасиле илјадници човечки животи – Виновен е прегреаниот кабел

Јавноста и опозицијата жестоко реагираа откако премиерот Зоран Заев вчера истакна дека нема да ги прифати оставките на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани кои ги понудија по пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица.

Заев по понудените оставки истакна дека ќе чека истрагата да заврши за да каже дали оставките ќе бидат прифатени или не.

Од Јавното обвинителство вчера соопштија дека со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби.

Сепак целосната истрага не е завршена, а од ЈО посочија дека ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази и најавуваат дека се очекува во Основното јавно обвинителство Тетово да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Германија.

Прегревањето на кабелот, информираа од ЈО, предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

По воочена појава на пламен, потенцираат од ЈОРСМ, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар.

– Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период. Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот, велат оттаму.

– Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани, кои од морални причини поднесоа оставки. За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи, изјави вчера Заев, додавајќи оти им ја дава довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.

Заев нагласи дека останува на ставот оти нема да дозволи политизирање на трагедијата во тетовската болница.

– Ние политичарите и извршната власт, генерално не смееме и нема да го толкуваме извештајот на вештите лица кои постапуваа по наредба на Јавното обвинителствот на Република Северна Македонија, истакна Заев.

Убеден сум, потенцираше Заев, дека Филипче и Хасани направија и професионални и лични ангажмани за македонското здравство и спасија илјадници човечки животи и затоа им ја давам довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.

Тој наведе дека и тој би сакал да знае што адресираат германските експерти во врска со пожарот.

И додека Заев не гледа одговорност во никого, во исто време признава дека модуларните болници се направени во вонредни услови, во ек на пандемија и оти тие не се замислени да бидат вгарадени со кислород.

– Тие се градени без системи за кислород или слично. Кога доаѓа третиот бран се вградени самите системи за кислород и верувам тоа е веќе познато на самата јавност, посочи Заев.

Тој нагласи дека сите се свесни колку е присуството на кислород во ваквите објект повеќе застапено од вообичаено.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нагласи дека како човек никогаш нема да прифати дека за смртта на 14 луѓе во Тетово може да биде виновен кабел или нечиј полнач за телефон, без да има одговорност за нефункционирањето на системот за кој министерот и заменик министерот се директно одговорни за животите на пациентите во болницата.

– Заев треба да престане да се надева дека ќе веруваме во неговите глупости кои имаат јасна цел – да ја сокријат објективната вина, негова и на неговите министри. Кој дозволил таква инсталација во болницата и немање на противпожарни апарати, кој дозволил опасни боци на кислород во необезбедена болница, кој дозволил роднини на пациенти и други цивили во болницата, кој друг ако не министерот, заменикот министер и самата Влада е одговорна за животот на пациентите. Кажете и јавно на јавноста дека Заев и Ахмети здружено, како и за други тендери, се договориле никој да не одговора, потенцираше вчера Мицкоски.

Претседателот на Алијансата за Албанците Зиадин Сел вчера го обвини Заев дека не ги третира подеднакво сите граѓани, туку ги штити само своите партиски функционери. Коментирајќи ја одлуката да не ги прифати оставките на министерот и заменик-министерот за здравство, Села рече дека Заев сака вината за трагедијата во Тетово да ја префрли на медицинскиот персонал и да го спаси својот министер.

Покрај тоа, првиот човек на АА, наведе пет причини за кои рече дека одговорноста треба да ја преземат Владата, Општина Тетово и дирекцијата на болницата.

– Па, за него Филипче е поважен од утехата што треба да ја имаат семејствата на 14-те жртви живи запалени, а тој излегува и ни кажува денеска дека ниту министерот за здравство, ниту заменик -министерот, ниту директорот, ниту градоначалничката на Општина Тетово, имаат каква било одговорност. И знаете каде ќе бара одговорноста овој валкан човек. Ќе се обидува да бара кај оние што со месо и душа се обидуваат да им помогнат на пациентите, на медицинскиот персонал во Тетово кои немаат никаква вина, рече Села.

Лидерот на АА нагласи дека има многу елементи за кои Обвинителството требало да постапува до денес.

– Прво, 11-годишен директор кој е вршител на должноста. Второ, градоначалничката која нема направено техничко прифаќање на болницата, и се уште не дале дозвола за објектот, додека според законот за секој објект на територијата на општината дава дозвола Општината. Трето, недостатоци на преградни ѕидови на објектите што би го спречиле ширењето на огнот. Четврто, недостаток на апарати за гаснење на пожарот и денес тие луѓе би биле спасени. Петто, присуството на роднини на пациентите во просториите на модуларниот центар, што дојде како резултат на недостаток на медицински персонал, потенцираше Села.

Тој рече дека тоа е директна одговорност на премиерот Зоран Заев, додавајќи дека „за палењето на 14-те граѓани во Тетово“ ќе има одговорност и покрај, како што рече, обидот да се сокрие вистината.

Најнови вести