Независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ го демантираат лидерот на СДСМ Зоран Заев дека „бомбата“ која вчера ја објави Антонијо Милошоски е снимана од некој од нив и дадена на поранешниот пратеник, пишува Плусинфо.
Дека снимале и дека некој од нив е укажувачот демантираат и од Беса, додека Алијансата за Албанците на Зијадин Села пак, воопшто не сака да биде инволвирана во „бомбите“ кои преку укажувачи ги пушта Милошоски во јавноста.
Заев вчера потврди дека снимката е автентична и кажа дека најверојатно станува збор за некоја од средбите на која тој разговарал со независната пратеничка група или со партиите на Албанците за законот за јавното обвинителство.
– Не станува збор за средба на која биле пратеници од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Не е точно дека некој од нас го снимал разговорот и го дал на Милошоски – изјави Нола Исмајлоска Старова за Плусинфо.
– Не коментираме бидејќи во изјавата Заев не ја апострофира Алијансата за Албанците – велат од Алијансата.
Фадил Зендели од Беса е категоричен дека некој од нивната партија го снимал разговорот и е укажувач.
– Апсолутно не. Никој од Беса не се занимава со нелегално снимање и доставување на такви снимки. Не се занимаваме со такви работи. Лично јас бев на разговорите со Заев за Законот за јавното обвинителство. Таму каде што јас учествувам во разговори ни случајно не може да се случи такво нешто – дециден е Зендели.
Заев вчера во интервју за Прес 24 вели дека во објавените тонски снимки ја коментира одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО по јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа, доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство. Тој додава дека снимките најверојатно настанале на некој од состаноците во рамки на преговорите кои се водеа со групата пратеници кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.
– Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство. Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство – изјави Заев.
Антонио Милошоски на вчерашната прес-конференција од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ емитуваше разговор на кој се слуша гласот на екс-премиерот Зоран Заев.
Милошоски на прес-конференција пушти аудио снимка заедно со транскрипт од разговорот, и рече дека се слуша од снимката како Заев, со поранешната обвинителка Катица Јанева, бил во дослух за сите нејзини одлуки. Аудио снимката, Милошоски кажа дека ја добил од свиркач и додаде дека по ваков материјал, Заев треба да биде приведен или викнат на распит.
– Како премиер, во присуство на други лица, Заев дава експлицитно јавен исказ дека договарал одлуки со Врховниот суд, што е мешање во судската власт и флагрантно кршење на законите. Тој бил во тесна врска со Катица Јанева, која самоволно не можела да настапува. Јасно се гледа зошто му се брзаше на нелегален начин да се донесе законот за јавно обвинителство. Заев и Јанева биле во содејство на блиски соработници за секоја нејзина одлука. Тој бил и Врховен судија и специјален обвинител – тврди пратеникот Милошоски.
Оригиналниот текст можете да го видите овде.