Премиерот Зоран Заев го потврди тоа од што се плашеше целиот македонски народ, а тоа е откажување од корените на македонскиот идентитет и јазик. Во неговото интервју за бугарската агенција БГНЕС, тој практично даде потврда дека ги прифаќа сите барања од бугарскиот меморандум, кои целосно ќе го редефинираат идентитетот вклучително историјата и јазикот.
Иако не е поткрепен врз база на научни аргументи, туку едноставно на желби, сепак тоа не е проблем за премиерот Заев, да прифати се што му е наметнато, без разлика што со тоа се поткопува нашето постоење и тоа кои сме и што сме како македонски народ и држава. Со овие ревизионистички и релативизаторски ставови се негира македонската историја, антифашистичката борба на нашите дедовци и татковци, кодифицирањето на македонскиот јазик и нашата национална свест.
Но да одиме со ред. Класична манипулација е реченицата дека Бугарија прифаќа македонски јазик и македонски народ. Бугарија е јасна по ова прашање, односно таа ги признава постоењето на македонскиот народ и јазик само после 1944 година, кога вели дека се создадени на вештачки начин, додека претходно тие наводно имале бугарски карактер.
Друга манипулација е општата или заедничка историја за која зборува премиерот Зоран Заев, бидејќи Бугарија ја толкува дека македонската и припаѓа на бугарската. Под маската „заедничка историја“ се прифаќа дека македонската историја до 1944 година и припаѓа на бугарската. Затоа е погрешна е изјавата на Заев дека Гоце Делчев е заеднички или дека некои се чувствувале како Бугарија. Историските прашања се јасно дефинирани и тие се толкуваат според периодот на кој му припаѓаат, а никако од со очите на денешницата. Гоце Делчев е најголемиот македонски револуционер, идеологот на македонската борба за државност и самостојност околу кого е граден македонскиот современ идентитет, секое задирање по него е задирање во нашите корени.
Уште една манипулација дефинирањето на Заев за јазикот, за кој не прави разлика помеѓу дијалект и официјален јазик. Преку таа манипулација Заев само го прифаќа бугарското барање дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и дека како посебен постои само после 1944 година.
Понатаму, тоа што ги ужасна сите е дека Заев самиот си зема улога на ревизионист и ја негира и менува и фалсификува општо прифатената светска историја. Ќе менувал табли, ќе менувал учебници дека Бугарите не биле во втората војна фашист па вели дека имало некоја администрација која на почетокот била фашистичка, но веднаш се приклучиле на антифашистичката борба. Таа „администрација“ за која зборува Заев ја окупирала Македонија во Втората светска војна и ги извршила најголемите злосторства врз македонскиот народ. Во борбата против таа „администрација“ гинеле нашите предци, борејќи се за слобода на својот дом и за создавање на сопствената држава која и денес ја имаме. Таа „администрација“ испратила 7200 македонски Евреи во логорите на смртта.
Официјалната бугарска држава го потпишала Тројниот пакт со Хитлер, официјално била дел од фашистичката страна и таму останала речиси се до крајот на војната, односно до моментот кога во септември 1944 година, Црвената армија се нашла во Софија и практично не им дала друг избор. Но септември 1944 година, не е почетокот на војната, туку крајот. Исто така се манипулира и со учеството во ослободувањето, затоа што јасно се знае дека генерал Михајло Апостолски не дозволил бугарската војска да влезе во градот.
Овој став на Заев за војната ги изедначува Кузман Јосифоски Питу, Михајло Апостолски и Методија Андонов Ченто со оние против кои се бореле, што е запрепастувачки, ако се земе фактот дека токму Кузман Јосифоски или вториот Гоце Делчев како што го нарекувале бил убиен од бугарски војник. Дури и самата Германија ја прифаќа историската вистина за втората светска војна и никогаш не ја негирала самата се има и извинето, но Заев подлегнува на притисоците на Бугарија кои ја негираат таа историска вистина, особено не кога во Македонија се уште има живи сведоци од војната.
Запрепастувачки е и делот дека Македонија нема малцински претензии во Бугарија и дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија, со што сака да укаже дека за него не постои македонско малцинство во Бугарија, и се согласува со бугарската држава. Тоа е многу страшно особено во 21 век, да се погазува слободата на самоопределување, но и да се негираат Македонците кои и во Судот за човекови права во Стразбур го добија спорот со Бугарија.
Овие ставови само го потврдуваа тоа кое подолг период се зборува во македонската јавност дека работите кои Бугарија ги бара, биле ветени од премиерот Заев уште одамна додека беше во опозиција.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на повеќе наврати посочи дека Заев не само што тоа Заев го има ветено претходно, туку оваа година има ветено дека ќе се потпише и нов документ или анекс на Договорот со Бугарија. Бидејќи ова е прашање од највисок национален и државен интерес се бара и државен консензус од кој бега власта на премиерот Заев. Но со државен став ќе се дефинираат црвените линии на Македонија, а со тоа Заев ќе нема да може да ги исполни бугарските барања.