вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Заев си заминува – кого ќе аминува за лидер на СДСМ?

Заев си заминува – кого ќе аминува за лидер на СДСМ?

Се очекуваше голем дел од сопартијците на Заев да се спротивстават на неговата одлука да даде оставка од лидерската функција, а никој нема јасен план што ќе се случи ако Заев инсистира, а партиските органи одбијат „да ја констатираат“ оставката.

Прифаќање на оставката на Зоран Заев од претседателската функција и утврдување датум за избор на нов лидер на СДСМ, се очекува да биде епилогот од вечерашните заседанијата на највисоките партиски тела, Извршниот и на Централниот одбор, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од партијата.

Повеќе од извесно беше дека Централното претседателство на Алтернатива ќе прифати партијата да ги води преговорите за да влезе во Владата. А дали ќе има договор, ќе зависи колку партнерите СДСМ и ДУИ се подготвени да отстапат од своите позиции во Владата, брифира висок функционер на Алтернатива.

На вечерашните седници на Извршниот и на Централниот одбор треба да бидат донесени роковник, критериуми, правилник и датум за избор на нов претседател на СДСМ. Нашиот соговорник вели дека е можно целата постапка за избор на нов лидер да заврши пред 14 декември, датум што и самиот Заев го најави, а кој се врзува со очекувањата за добивање датум за преговори со ЕУ. Доколку партиските тела ја прифатат оставката на Заев, тогаш 12 декември се споменува како можен датум кога партиското членство на непосредни избори ќе гласа за новиот претседател на партијата.

Од СДСМ велат дека на состаноците повторно се очекува голем дел од сопартијците на Заев да се спротивстават на неговата одлука да даде оставка и од лидерската и од премиерската функција. Заев ќе треба да приложи доволно аргументи и да ги убеди – како што е тој убеден, барем така изгледа – зошто треба да се повлече. Интересно е дека никој нема јасен одговор, односно план што ако Заев инсистира на оставката, а партиските органи одбијат „да ја констатираат“. Нашите извори велат дека сепак одлуката на Заев да замине е лична и дека никој не ќе може да го натера да остане на позициите ако тој решил да си оди.

Според нашите извори, Заев инсистира на ставот новиот лидер на СДСМ да биде и мандатар за состав на новата влада. Има „проверени“ информации дека во партијата има разногласие за ова прашање. Поточно, мнозинството во неа мислат дека тие две функции треба да бидат одвоени, односно партискиот лидер (новиот) да не биде и премиер.
Ако вечерва по состаноците на партиските тела почнат роковите за избор на нов лидер, ќе биде појасно и колкумина ќе претендираат за таа функција.

Засега во јавноста се шпекулира само со името на Димитар Ковачевски, заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на партијата, особено откако Заев со него дојде на состанокот со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, при преговорите за можен влез на таа партија во Владата. Остана отворено прашањето дали Заев го повика на средбата за да го промовира Ковачевски за нов лидер на партијата и за нов мандатар на влада. Во тој контекст впечатлив е ставот на Гаши, кој во интервју за српска „Политика“ рече дека не може да го прејудицира исходот од преговорите, но потенцира дека „преговараме со сегашниот и со идниот премиер, а не со другите партии вклучени во таа влада“. И покрај обидите, не успеавме да добиеме одговор од Гаши дали мисли на Ковачевски.

Висок функционер од Алтернатива вели дека Централното претседателство ќе донесе одлука да почнат преговорите за влез на Алтернатива во Владата. Освен програмските определби да бидат дел од владината програма, услов на Алтернатива за влез во Владата ќе биде колку СДСМ и ДУИ се подготвени да отстапат министерски, заменик-министерски и директорски функции.

– Ние не го уривавме Заев со потписите за гласање недоверба на Владата, туку ДУИ. Да почекаме и да видиме која е понудата на СДСМ, но и на ДУИ, за Алтернатива да стане дел од власта – вели функционерот.

Очекувањата на Алтернатива се не само СДСМ, туку и ДУИ да отстапи од своите позиции во Владата. Тој сликовито објаснува дека ако на Алтернатива ѝ бидат понудени на пример 20 директорски места, 15 да ги отстапи СДСМ, а 5 ДУИ. Аспирациите им се за две министерски места или еден министер и една „силна“ директорска функција.

Најнови вести