вторник, 9. април 2024. Вести денес: 0
home Вести

Заев: Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја

Заев: Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја

Балканот може, Балканот испорачува, Балканот е новата надеж на Европа, Балканот е Европа. Ние денес, врз основа на нашето искуство од патот до Преспа и до Договорот со Грција, слободно можеме да го кажеме тоа со потполно право. Ние сме Европа, повеќе од кога било, порача вечерва во Охрид премиерот Зоран Заев на официјалното отворање на Првата меѓународна конференција во рамки на Преспа форумот за дијалог.

Заев се обрати пред високи претставници на Европа, САД и регионот, кои учествуваат на оваа Конференција, чија основна цел е да се даде поттик на процесот на интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, но и зајакнувањето на односите со САД.

Во присуство на помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, поранешната висока претставничка за надворешна политика и одбрана на ЕУ Федерика Могерини, еврокомесарот Јоханес Хан и други видни домашни и странски учесници, Заев се осврна на напорите кои Северна Македонија и Грција ги презедоа за решавање на речиси тридеценискиот спор со името, кои резултираа со решение, за кое, како што рече, не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи.

-Од денешна перспектива јас со полно право можам да кажам дека во решавањето на тридецениското прашање со Грција употребивме методологија која до тогаш не беше позната. Оние кои беа проблем одеднаш, и без булдожер дипломатија од трети страни, почнаа да решаваат проблем. Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја и за негова разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. Беше потребно иновативно решение, кое ќе излезе од рамка. И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е – невозможно. Ставивме крај на еден спор. Ставивме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, истакна Заев. (МИА)

Најнови вести