Македонија и понатаму е на последните места во регионот според индексот на човеков развој.
Нашата земја е рангирана на лошата 82-ра позиција во извештајот на УНДП за нееднаквиот развој.
Според последниот извештај на УНДП, Македонија е на третото место од дното во Европа а 82 во светот, од вкупно 189 земји опфатени во извештајот.
Во овој извештај Македонија, е групирана во т.н региони во развој и е само од неколкуте европски држави во друштво на земји од Азија, Африка, Латинска Америка, Блискиот исток.
Статистиката, за нас, е поразителна.
Пред Македонија се Словенија на 24-то место, Грција на 32-ро, Хрватска на 46-то, Црна Гора и Бугарија на 52-ро место, Србија на 63-то, Албанија на 69-то и Босна и Херцеговина на 75-то место.
Претставникот на УНДП за Европа и Евроазија, Бен Сјел, рече дека индексот за Македонија покажува на кои конкретни прашања треба да се ангажира земјата.
„Потребно е ресурсите да се инвестираат на вистински места, не само да произведете дипломи, туку да создадете добро образование и способни луѓе. Не само да градите болници туку да им овозможите на луѓето да живеат подолго и да имаат квалитетен живот. Оние се тие предизвици и за ова е и извештајот“.
Врз основа на анализи на извештајот, издвоени се факторите кои влијаат врз нееднаквиот развој во Македонија. Клучен е нееднаквиот пристап до можности, како што е пристапот до здравствена заштита, пристапот до пазарот на труд, пристапот до образование.
Во однос на образованието, во извештајот се забележува дека жените од Западен Балкан имаат подолг животен век од мажите и се пообразовани. Но, во работните места од наука, технологија и инженерство, сепак мажите се уште предничат, па тука бројот е над половина.
Постојаната претставничка на УНДП во земјава Нарине Сахакјан, нагласи дека Програмата за развој е посветена да оди надвор од границите на човековиот развој, неоставајќи никого изоставен. Исто така, да поттикнува локални акции за глобални промени и да влијае на начинот како размислуваме, испорачуваме, инвестираме и како се справуваме со прогресот кон остварувањето на глобалните цели за одржлив развој.
-Годинешниот извештај покажува дека нееднаквостите се широко распространети, некои се однесуваат на животот и смртта, другите на пристапот до знаењето и технологиите кои го менуваат животот. Разликата во животниот век меѓу земјите со низок и многу висок човеков развој и покрај тоа што значително се намали, се уште е 19 години. Нееднаквоста не е надвор од решенијата – таа подразбира поширок круг на политики надвор од приходот, надвор од просечноста и од денешницата, истакна Сахакјан.
Додаде се појавува нова генерација нееднаквости околу образованието, технологиите и климатските промени.
Извештајот јасно покажува дека Македонија не е земја на еднакви можности. По индексот на човеков развој, во друштво сме со земји како Оман и Тринидат и Тобаго.
Премиерот Зоран Заев, како и за многу други работи, така и за ова ветуваше сосема поразлична приказна.
Во предизборието тој ветуваше дека ќе ја направи Македонија земја на еднакви можности за сите. Во трката по гласови од граѓаните, Заев ветуваше еднаков развој и можности за сите граѓани на земјава.
Тој на митинг во Шутка, во 2016-та година вети дека Македонија ќе биде земја на еднакви можности за сите нејзини граѓани.
Им вети на граѓаните Роми дека ќе има достоинствен живот за нив, еднаков со оној на Македонците, Албанците, Србите, Турците, Бошњаците, Власите.
Извештајот на УНДП, кој за Македонија е поразителен, обелодени како живеат македонските граѓани и со што се соочуваат, но му предочи и на премиерот дека наместо да ја води кон напредок, ја уназадува државата.