сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Заева правда: Косата на Шекеринска вреди повеќе од возачот убиец кај „Млечен“

Заева правда: Косата на Шекеринска вреди повеќе од возачот убиец кај „Млечен“

Правдата во Македонија неколку години е на стаклени нозе. Граѓаните се помалку веруваат во правниот систем. Пресудите се донесуваат преку ноќ кога се работи за интерес на некој поблизок до власта. Но кога треба да се спроведе правдата за обичниот граѓанин, предмети добиваат нозе, се чека за пресуда со години, или пак пресудата не ја задоволува правдата. Во изминатиот период имавме лавина реакции од граѓаните за неколку пресуди, пресуди кои според граѓаните не се коректни, односно не се задоволува правдата.

Случај „Млечен“, оваа сообраќајна несреќа која се случи пред две години, на возачот со џипот му беше изречена само условна казна, во времетраење од две години. Што значи дека тој практично ќе си биде на слобода, што единствено му е загрозено само ако во следните две години стори кривично дело. Нема сомнение дека оваа пресуда е многу нејасна и повторно ги разгорува дилемите за тоа како ја дели правдата нашето судство. За потсетување, пред две години возачот кај Млечен ресторан во Скопје поминал преку две линии со својот џип и удрил во мотор. Во оваа тешка сообраќајка загинал возачот, а неговата сопруга која тогаш била бремена, го загубила детето. Токму за ова дело, судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ од скопскиот Кривичен суд пресуди двегодишна условна казна, наведувајќи го како главна олеснителна околност фактот што обвинетиот ја признал вината.

Случајот за прегазување на младата Фросина, Врховниот суд ја преиначи пресудата на Апелацискиот суд Скопје да ја намалува казната на три години затвор за возачот кој ја прегази студентката Фросина Цековска под контроверзни услови на пешачкиот премин кај Универзалната сала на булеварот Партизански одреди во главниот град. Со оваа одлука на Љубиша Видојковиќ му се додава уште една година затворска казна, постапувајќи по жалбите на обвинетиот и на обвинителството. Обвинетиот е осуден на казна затвор во траење од 4 години, додека во останатиот дел второстепената пресуда ја потврди. Сообраќајната незгода која се случи на 3 април 2015 година кога обвинетиот, управувал со моторно возило „Хонда“ под дејство на алкохол и со брзина поголема од ограничената, на пешачки удрил во телото на оштетената Фросина Цековска. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.

Случајот со убиеното младо момче во Ново Лисиче, затворска казна од 3 години доби убиецот, кој беше обвинет за убиството на Никола Христовски кое се случи на 14 август лани во „Паркот на музиката” во Ново Лисиче. Од Основниот Кривичен суд појасниле за ова кривично дело убиство на миг за кое му се судеше на обвинетиот предвидена е затворска казна од 1 до 5 години. На 14.08.2019 година на булеварот „Видое Смилевски – Бато“ во населбата Ново Лисиче, обвинетиот, доведен во состојба на силна раздразнетост, со умисла го лишил од живот оштетениот Никола Христовски.

За овие неколку случаи и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ бараше целосна ревизија и повикуваше судиите да носат фер пресуди кои ќе ја задоволат правдата. „Ревизијата е нешто што најмалку може да се спроведе во моментов и да се истера правдата на виделина, а ожалостеното семејство едноставно да добие правда на своја страна. Ваква нефункционалност и политичка инструираност на судски инстанци и институции не е видена досега. Но, за жал, ова не е прв случај на неправда, има повеќе. Неодамна беше и пресудата за убиството на млад кошаркар и тинејџер во Ново Лисиче од пред извесно време, каде што исто така и таму не беше задоволена правдата и јавноста бурно реагираше на пресудата. Оваа влада на СДСМ е најкорумпираната, која единствено носи судски пресуди само онака како што им одговара на Зоран Заев и мафијата на власт”, реагираќе тогаш со соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Овие три случаи доведоа до бурни реакции и кај граѓаните, бидејќи сметаа дека осомничените ја немаа добиено заслужената казна. Според реакциите на граѓаните по социјалните мрежи осомничените не биле казнети, напротив биле наградени со мали затворски казни иако заслужуваат доста поголеми казни бидејќи поради нив згаснаа неколку млади живот.

Но кога ќе ги споредиме тие три актуелни засега случаи со случајот со скубачот на министерката Шекеринска, можеме да заклучиме дека нејзината коса за жал повеќе вреди од неколку млади животи кои згаснале прерано поради несовесни граѓани. Панче Ангеловски за нападот на Радмила Шекеринска доби четири години затвор. Иако тој на неколку одржани рочишта има кажано дека чувствува вина, и дека не сакал да ја повреди туку да ја тргне Шекеринска од гужвата. Дури и неговиот адвокат Драган Пешевски, кој го застапува по службена должност, имаше побарано судот да ги има предвид олеснителните околности како неговата возраст, неосудуваност. Но за жал човекот остана во затвор четири години.

А, пред само неколку дена премиерот Зоран Заев при своето обраќање за Денот на независноста истакна – „Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Влегуваме во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Тоа ќе биде најважна приказна. Законите се донесени, сега е време за нивно доследно спроведување, кој не сака да поќитува закон, ќе се соочи со закон.“

Ако според овие неколку пресуди наликува „вистинската правда“, тогаш сме светлосни години далеку од спроведување на правосуден систем во Македонија. Бидејќи правдата ако ги анализираме пресудите од овие неколку случаи значи ќе остане селективна, односно косата на Шекеринска ќе вреди повеќе од животот на млад и обичен граѓанин. Правда за обичниот граѓанин ќе нема.

Најнови вести