Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) од Центарот за јавно здравје Скопје добил известување за седум деца со симптоми на акутно труење со храна кои се јавиле на преглед во „Неуромедика“ во Скопје.
Како што се наведува во соопштението, децата на возраст од 13 до 15 години, во текот на вчерашниот ден конзумирале ручек и вечера во трпезарија на ФФМ, а обезбедени од кетеринг служба на ДПТУ ФОРЦАШПЕД ДООЕЛ Скопје, Подружница ГАЛАКУЈНА бул. Србија бр.50 Аеродром, Скопје.
Симптомите кај децата се јавиле околу 6 часот утрово и биле идентични кај сите седуммина: гадење, тежина во стомак, пролив, главоболка, вртоглавица, со полесна клиничка слика.
Од вкупно 54 деца, 3 тренери, 1 доктор кои јаделе од истата храна, на тегоби се пожалиле 45 деца. Шест од децата кои не ја конзумирале истата храна немаат вакви тегоби.
Државен санитарен и здравствен инспекторат од ПО Кисела Вода, во соработка со епидемиолог и екипа од ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје и инспектори од Агенција за храна и ветеринарство, денеска извршиле вонреден инспекциски надзор во подружницата ГАЛАКУЈНА, односно во присуство на управителот извршиле увид во документација при што е констатирано дека санитарните книшки за 7 вработени се со уредно извршени здравствено-хигиенски прегледи, превентивна ДДД од страна на овластено правно лице е извршена на 18.06 годинава и постои решение за работа од АХВ, како и решение од Централен регистар за правниот субјект.
Во тек на надзорот земени се материјали за бактериолошки мониторинг, односно брисеви од нежива природа и мостри од храна
Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ги затворил објектите со цел прекинување на понатамошно јавување на заболени со знаци за акутно труење со храна, при што на објектот е поставена е службена лента.
Забраната ќе трае до обезбедување на наредените против-епидемсики мерки: генерално механичко чистење на просторот и опремата, дезинфекција од страна на овластена здравствена установа, вонредни санитарно-хигиенски прегледи на вработените, како и контролни брисеви од работни површини и опрема.
По добивањето на резултатите од земените брисеви, доколку има потреба, ДСЗИ ќе наложи и други противепидемиски мерки.