четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Затвор до 1 година за трговците и угостителите кои не ги почитуваат препораките

Затвор до 1 година за трговците и угостителите кои не ги почитуваат препораките

Доколку граѓаните забележат дека угостителските објекти работат и покрај забраната од Владата, а супермаркетите ги зголемиле цените на основните продукти, од понеделник ќе можат бесплатно, телефонски да пријават на бројот 191.

Власта им порачува на угостителите да ги почитуваат забраните воведени поради коронавирусот, а супермаркетите да не ги зголемуваат цените за леб, сол, масло, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и средства за дезинфекција. Бројот на пазарниот инспекторат, мора да биде залепен на видно место на секој трговски објект.

-Она што можам слободно да им го кажам на сите трговци, бидејќи само тие работат сега, налепниците што ќе ви ги достават инспекторите а треба да бидат на видно место, за да ги видат сите граѓани, се бесплатни, на терет на Државниот пазарен инспекторат. Исто така вакви броеви ќе добијат сите бензиски станици и оние кои во моментов вршат трговија, рече Стојко Пауновски,  директор на Државен пазарен инспекторат.

Од пазарниот инспекторат велат дека локалните служби се на терен за да се санкционира прекршувањето на владините забрани, па затоа не успеваат да одговорат на сите повици. Министерот за економија, Крешник Бектеши,  потсетува на паричните казни и на казната – затвор.

-Сакам да алармирам до сите граѓани, угостители и трговци кои нема да ги почитуваат мерките ќе бидат казнети со казна од 5 000 евра, и согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, казна затвор и до една година. Ги повикувам  сите граѓани и бизнисмени во моментов да бидат разумни. Во време на криза да бидеме солидарни, одговорни, а не да размислуваме на профит, рече Крешник Бектеши- министер за економија.

Што се однесува до покачувањето на цените на продуктите кои државата ги увезува, како портокалот и лимонот, министерот Бектеши, најави дека ќе и предложи на Владата да донесе одлука за посебни услови за трговија на одредени продукти.

Извор: АЛСАТ

Најнови вести