Денес е 8 март.
Меѓународнииот ден на жената.
Празник во светски рамки кој што се одбележува на секоја година на овој ден. Ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.
Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век. Првиот „Ден на жената“ е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД. Во 1910 година под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири.
По иницијатива на Александра Колонтај во Русија, 8 март по прв пат е прогласен за државен празник. На Запад во 1920-тите одбележувањето на 8 март замира, а повторно оживува 60-тите заедно со растежот на феминизмот. Сепак, во ниту една западна земја 8 март не е прогласен за државен празник.
Денес, 8 март е државен празник само во малку земји како Русија, Белорусија, Молдавија, Украина, Ерменија, Монголија, Узбекистан, Виетнам, Кина. A Република Македонија е една од ретките земји во кои се празнува Меѓународниот ден на жената, иако овој празник има само симболичен статус и нема политички конотации.
Би сакал да посакам среќен празник на сите жени борци, на сите самохрани мајки, на сите девојки и жени кои со труд, знаење и упорност растеле во животот. На сите оние кои не глумеле жртви, туку храбро се соочувале со животот и успевале да тераат и дом, и семејство, и кариера. Денот 8 март не е ден за цвеќиња и поклони, тое се даваат секогаш на тие жени кои ви значат. Денот 8 март, не е ден за пијанчење по кафани и патување до Солун, Софија или Врање на мини шопинг. Денот 8 март е ден за оддавање чест и соочување со општествените недоследности.
Во време кога се водат дебати за тоа дали абортусот до 10-12 недела е репресија а до 22 е право и избор, во време на изместени вредности, ниски страсти, треба сите да размислиме, да се преиспитаме и да видиме каде грешиме. Сите заедно. И мажи и жени, и оние кои се чувствуваат како нешто трето, сите на куп. Не се што ни го сервира Западот чини или е прилагодливо на наши услови.
Денот 8 март не е ден каде децата собираат грдни пари за скапи поклони на наставничките. Овој ден, не треба и не смее да е ден на пијани жени по кафани. Жените се силата, основата и моторната сила на едно општество и една нација. Борбата општествена ја водите вие, мажите се тука да ве поддржат, а не оспорат.
Нека е честит денот на жената, 8 март.
За многу години да е!
Пишува: Александар Ристевски