Првата рунда испуштање на прочистена радиоактивна вода од уништената нуклеарна централа Фукушима во морето е спроведен безбедно, а властите ќе го прегледаат и исчистат објектот пред да почне следниот круг на испуштање за неколку недели, соопшти компанијата „Tokyo Electric Power Company“ (ТЕПКО), која е задолжена за управување со испуштањата на вода.
Првата рунда испуштања траела 17 дена, а за тоа време од 10 резервоари биле испуштени 7.800 тони прочистена вода, додека во фабричките резервоари се складирани околу 1,34 милиони тони радиоактивна отпадна вода.
Вработените во компанијата ќе ги исперат цевките и другата опрема и ќе го проверат системот во текот на следните неколку недели пред да почне вториот круг од 7.800 тони складирани во 10 други резервоари, рече портпаролот на ТЕПКО, Теруаки Кобаши.
ТЕПКО планира да испушти 31.200 тони пречистена вода до март 2024 година, а властите велат дека темпото на испуштање ќе се забрза после тоа.
Испуштањето на целата пречистена вода се очекува да трае неколку децении, а на целиот процес се противат рибарските организации и соседните земји.
Кина го забрани увозот на јапонски морски плодови како одговор на испуштањето, додека во Северна Кореја имаше протести во последните недели со барање Јапонија да го запре испуштањето на водата.
ТЕПКО и јапонската Влада тврдат дека отпадните води се пречистуваат на специфичен начин за да се намалат радиоактивните материи во водата на прифатливи нивоа, откако било констатирано дека испуштањето, доколку се изврши правилно, ќе има занемарливо влијание врз животната средина, морската флора и фауна, како и здравјето на луѓето.
На крајот на август, со согласност на меѓународните регулаторни тела, вклучително и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Јапонија почна да испушта преработена отпадна вода во Тихиот Океан.
Три реактори на нуклеарната централа Фукушима беа оштетени во земјотресот во 2011 година.