понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

ФОТО: Се’ е пеплосано, еве како изгледа станот кој се запали вчера во Штип, жената собирала картони и пластика

ФОТО: Се’ е пеплосано, еве како изгледа станот кој се запали вчера во Штип, жената собирала картони и пластика

Пеплосан е целиот стан, од каде што почнал пожарот синоќа во зградата на улицата „Широк дол“ во Штип. Црнила и вода на сите страни, изгорена е покуќнината, но и картони, пластики кои станарката ги собирала.

МИА денеска беше во зградата, каде што станарите ноќта ја поминале под ведро небо, или кај своите роднини. Сите заедно го чистеа влезот, вратите од црнилата, кои чадот и огнот ги оставиле зад себе.

Снежана Шалева која живее под станот, што целосно изгоре вели дека сликата синоќа била страшна.

-Вивна пламенот нагоре не можевме да ги спуштиме ролетните, ниту прозорците да ги отвориме. Јас успеав да се симнам до доле, но се онесветив и право во Брзата помош ме однесоа. Мажот ми остана два саата во станот, се додека траеше пожарот, после и него го изнеселе и него го однеселе во Брзата помош со кислород, вели Шалева.

Станарите велат дека не е првпат да се пали станот на нивната сосетка, пожарната во изминатите 20 години интервенирала минимум трипати.

Ване Монолев станар вели дека досега пишувале петиции и барале од надлежните институции да се згрижи нивната сосетка.

-Еве и вие самите гледате, што има горено, картони, пластики. По двапати се појави пожарната синоќа. Благодарение на брзата интервенција на пожарната се изгасна пожарот, а беа излечени и сите станари. Јас, сопругата и соседката останавме горе, пробав да се симнам со тубите со вода еве до трети спрат, но повторно се вратив назад, оти се загушив и морав да се вратам, вели Манолев.

Станарите велат дека пред неколку години им бил забетониран хидрофорот, сега бараат надлежните институции да го стават во функција.

Штипското комунално претпријатие „Исар“ попладнево ќе го изнесува сметот и остатоците од пожарот. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Трајче Здравков вели дека со градежна механизација ќе се чисти просторот.

Според увидот на надлежните институции и на пожарникарите, синоќа во зградата целосно е изгорен еден стан, додека вториот делумно е зафатена.

По увидот струјата е вклучена во зградата. Надлежните по синоќешниот увид ќе утврдат кои се причините за пожарот, а сомнежите на станарите се дека настанал од свеќа или плинска боца.