Ни претстои енергетска криза, а власта размислува само како да земе уште некој тендер, па затоа наместо да копаат јаглен во Македонија, тие ќе увезуваат за да може струмичките компании блиски до Заев да заработат од тендерот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Општина Берово и додаде дека додека народот осиромашува, власта се грижи само за сопствениот профит.
Денес ни седи пред врата енергетска криза. Тие се навртеа на тендер од 50 милиони евра за увоз на јаглен од Косово. И тука никој не го поставува суштинското прашањето зошто да плаќаме за увоз, кога РЕК има ископ на јаглен. Одговорот е дека на РЕК се потсетуваат кога ќе треба некој бизнис да добија струмички компании блиски до власта, рече Мицкоски.
Тој посочи дека таквата штета од недомаќинското работење на РЕК ќе се плати со парите од џебот на граѓаните, исто како што граѓаните ќе ја платат и штета за патиштата која ќе се случи поради увезениот јаглен, додека семејството на власт и од ова ќе профитираа.
Мицкоски посочи дека власта нема допир со реалноста и се грижат како да ги наполнат своите џебови, во ситуација кога народот нема што да јаде и е со празни фрижидери.
– Тоа што фрижидерите на народот им се празни е главната болка. Им дадоа скапи реклами, ама фрижидерот кај народот празен. Тоа што инфлацијата го јаде семеејниот буџет, а додекаа џебовите на обичниот народ се празнат, џебовите на власта, на таа тесна клика која се добрала до власт постојано се полнат. Тие гледаат да профитираат и на туѓата несреќа. Додека народот пати, додека народот живее крпен живот, тие не престануваат да крадат, истакна Мицкоски.
Мицкоски потсети и дека кога беше полниот ек на корона кризата, и кога немаше вакцини, стотици луѓе умираа дневно, од власта токмеа провизии при набавка на кинеските вакцини неколку пати поскапи од сите други на пазарот.