сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Од утре почнува вакцинацијата против сезонски грип во Делчево

Од утре почнува вакцинацијата против сезонски грип во Делчево

Од понеделник во Делчево започнува вакцинацијата против сезонски грип. За спроведување на вакцинацијата, како што информираше директорката на делчевскиот Здравствен дом, Марија Глигоровска пријавувањето се одвиваше по електронски пат.

– Имаме интерес за вакцинација против сезонски грип, сите кои се пријавени електронски веќе од утре ќе ги вакцинираме. Имаме доволно екипи, така што сметам дека успешно ќе ја спроведеме вакцинацијата, рече Глигоровска.

Во однос на Ковид-19, како што додаде директорката, Општина Делчево иако е меѓу првите пет општини во Истокот според бројот на позитивни случаи од Ковид-19, ситуацијата според неа не загрижува, бидејки се работи за полесни клинички случаи.

– Главната причината за пораст на бројот на новозаразени е тоа што поголем дел од младите не се вакцинирани. Меѓу позитивните случаи повеќето се асимптоматски, но има и вакцинирани, вели Глигоровска.

Во таа насока Глигоровска посочи дека интерес за трета доза вакцина има, за разлика од првата доза за која интересот е помал.

– Тоа е така, бидејки првите пациенти што беа вакцинирани со Астра Зенека, тука спаѓа највозрасната група, и тие што беа ризични, скоро сите се 100 процентно вакцинирани, додава Глигоровска.

Поголем дел од населението во Делчево, како што додадоа од Здравствениот дом, ги примило првите две дози вакцина против Ковид-19.