Ќе има и ќе најдеме начин да го организираме Охридскиот пливачки маратон, порача градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Пецаков информира дека со помош на Агенцијата за млади и спорт, која ќе го покрие наградниот фонд од 10.000 евра, како и со помош од други спонзори, Охридскиот маратон сепак ќе се одржи.
-Охридскиот маратон не е само спортска манифестација тој е многу повеќе од тоа, тој е чувство вкоренето во секој охриѓанец. Радосен сум бидејќи Охридски пливачки маратон ќе има, иако пред нас излегоа пречки. По вчерашниот координативен состанок на сите засегнати страни, откако заврши состанокот се донесоа следните заклучоци: Наградниот фонд ќе биде покриен од Агенцијата за млади и спорт, а за сите останати трошоци поврзани со одржувањето на маратонот, Советот на Општина Охрид ќе донесе одлука за доделување на два милиони денари од страна на Општината, изјави Пецаков.
Тој најави дека ги известиле пливачите за условите што ќе бидат обезбедени од нивна страна, но и за условите од самото пристигнување во Охрид и добиваат позитивни одговори.
Пецаков соопшти дека сè уште нема официјална бројка на пливачи кои ќе учествуваат, но дека засега се околу 20.