Луѓето кои буквално ги преспаа изминатите три години на власт, деновиве се растрчани со нови ветувања и брзаат колку што можат повеќе да асфалтираат во Прилеп и населените места, реагираат од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме целата изјава на Теодора Петреска, член на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп:
Незадоволството на граѓаните е огромно, па челниците на СДСМ се надеваат дека на ваков начин колку толку ќе го намалат сигурниот пораз кој им следува.
Денес ќе презентираме пред јавноста на каков начин работат министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот Илија Јованоски и на каков начин се врши асфалтирањето во нашата Општина.
Oва позади мене е новоасфалтираното игралиште во Основното Општинско Училиште “Рампо Левката”
Новото игралиште на Јованоски тука траеше само неколку месеци, а сега веројатно ќе го претворат во тревник, бидејќи друго логично објаснување за ова нема.
Ова е типичен пример за тоа како се трошат парите на граѓаните во општина Прилеп на проекти кои траат само за пред камера.
На оваа фотографија е прикажан така наречениот нов пат кој ги поврзува населените места Кадино Село и Галичани.
Срамно и понижувачки за жителите од овие две населени места. Сугарески и Јованоски се фалат дека направиле нов пат со дебелина на асфалтот од 5-6 цм.
Вака не се решава проблем и на овој начин за неколку месеци ќе никнат нови кратери на патот, а граѓаните одново ќе се соочуваат со истите потешкотии.
Граѓаните гледаат и нема да дозволат да бидат манипулирани!
Ги прашуваме Јованоски и Сугарески:
Дали милионските суми со кои се расфрлаат пред јавноста се трошат за асфалтирање на патишта и улици со неколку сантиметри дебелина, или пак дел од тие пари завршуваат МОЖЕБИ во нечии приватни џебови?
Прашуваме ДАЛИ воопшто немаат срам да се појават пред граѓаните со еден ваков несериозен пристап во работењето и трошењето пари од народот?
Ова се сериозни индиции кои мора да ги провери и Основното јавно обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ и во наредниот период ќе ги разобличува сите лаги и манипулации на оваа одродена и разуздана власт.
Граѓаните ќе го казнат СДСМ и ќе ги испратат во политичка пензија политичарите кои си поигруваат со нивното достоинство.