За првпат во Македонија на две охридски плажи се поставија рампи за полесен пристап на лицата со посебни потреби, тоалети и доколку е потребно на располагање им стои и електрична количка. Помагалата се поставија на градските плажи во “Љубаништа” и “Горица 3”, објави на својата Фејсбук страница градоначалникот на општина Охрид Кирил Пецаков.
Општина Охрид овие помагала ги обезбеди преку донација од Здружението “СОС Балканмедиа” за што изразувам голема благодарност. Рампи се предадени во сопственост на ЈП “Охридски Комуналец ” и после завршување на летната сезона во септември тие ќе бидат отстранети и наредната сезона повторно поставени.
Апелираме хотелиерите да ги следат заложбите на Локалната самоуправа во еднаков третман на сите граѓани и да постават вакви рампи за полесен пристап на лицата со посебни потреби до Охридското езеро пред нивните објекти.
Во наредниот период продолжуваме со опремување на останатите плажи со рампи за пристап и тоалети за лицата со посебни потреби, пишува Пецаков во својата објава.