Семејството на прерано починатиот градоначалник на Охрид Јован Стојаноски, до сите граѓани на Охрид, упати зборови на благодарност за искажаната нивна поддршка и почит кон својот градоначалник.
Во пораката, семејството искажува благодарност што во најтешките моменти за нив, луѓето ги надминале сите партиски, човечки и секакви други препреки и со дела, убав збор, стисната рака во знак на поддршка или само човечки поглед, им помагаат да го изминат најголемото премрежје.
-Зборови немаме, солзите не запираат, за нас остана само голема празнина која никогаш нема да се надополни. Негова најголема љубов беше Охрид. Да му се оддолжиме сите заедно со тоа што ќе се сплотиме, ќе го изградиме како што доликува, ќе го направиме да биде, како што милуваше да каже „најубавото место на светот“, со силно образование, со насмеани луѓе, со верба во Бога и народот. Да застанеме зад оваа идеја во која веруваше Јован – Градоначалникот и да се сеќаваме на него онаков како што и секогаш беше – со широка насмевка, топла прегратка и отворено срце ЗА СИТЕ, се вели во пораката на семејството Стојаноски до охриѓани.