Премиерот Зоран Заев му вети на инвеститорот на хотелот во Лагадин што прекрши 12 закони дека ако треба лично ќе ја донесе Второстепената комисија и ќе го реши случајот, на трибина во Охрид, објави СДК.МК. Инвеститорот Никола Толески на трибината му кажа на Заев дека сака да го догради објектот и ако може да ја фати сезоната. За хотелот, инвеститорот кажа дека е едно „обично објектче“ за семеен бизнис со 8 соби и 9 апартмани.
Изградбата на хотелот во Лагадин прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Дополнително, Инспекторатот за животна средина потврди дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.
Премиерот потврди дека разменил неколку пораки со инвеститорот и дека му дал насоки на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
„Чичко Никола, за хотелот во Лагадин неколку пати пораки разменивме, насоки давав и на министерот, на Митко, шефот на кабинетот, и го знам проблемот. Неколку пати Транспорт и врски носи позитивна одлука, се враќа. Разговарав со покоен Јован, со секретарот на Општината, сега и со другите. Има една работа, премиерот интервенира оти правото е на ваша страна, министерот интервенира оти правото е на ваша страна. Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може ‘не бива’. ‘Не бива’, не може најлесно да биде ‘не’. Ќе најдат начин како да биде ‘да’. Затоа што баналноста на одговорот, дадено одобрение за градба, почнувате со градба на објектот, ви е готов и при контрола вика не сте информирале дека сте почнале со градба. Ако треба, ќе ја земам под раце Второстепената комисија и ќе дојдат тука и ќе го решиме до крај“, кажа Заев на трибината.