сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Американски новинар: Ви се кине срцето кога ќе ја видите скопската трагедија

Американски новинар: Ви се кине срцето кога ќе ја видите скопската трагедија

Невидената трагедија што му се случи на Скопје во земјотресот од 26 јули 1963 сѐ уште се раскажува низ многубројни драматични приказни, кои некои запишувачи ги нарекуваат и „скопски вистинити легенди“. По повод 55-годишнината од земјотресот, „Нова Македонија“ потсетува на некои од нив.

На аголот каде што се сечат улиците 11 Октомври и Ѓуро Салај, во близината на зеленото пазарче, една старица секое утро одела да купи млеко и леб за домашните. Во куќата живеела заедно со синот и снаата и двете внучиња. Станувала многу рано, затоа се искрадувала од креветот многу тивко, без да ги разбуди домашните, особено внимавајќи на внуците.

Но тоа утро, на 26 јули, се случило нешто необично. Кога старицата станала од креветот, ја забележале внучињата и сакале и тие да заминат со неа на пазар. Старицата се противела, но, сепак, на крајот се согласила да ги поведе и нив со себе. Излегле од куќата, во тоа мирно летно скопско утро и пред продавницата се задржале, чекајќи во редицата.

Потоа тргнале назад, а кога стигнале точно пред куќата, се случил кобниот настан – земјотресот. Со ужасен татнеж и потрес, куќата пред нив се урнала до темел. Сите загинале во неа. По игра на случајот, старицата ги спасила своите внуци, кои тоа утро инсистирале да тргнат со неа. Таа трагична слика што ја пренеле весниците, хроничарот вака ја опишал: „И еве како старицата клечи до урнатата куќа, а внуците седат на голата земја, до нејзините нозе“.

 

 

 

 

 

 

Куќата на улицата Водњанска бр. 40, наспроти Клиничкиот центар, е една од оние во кои трагичното утро повeќе луѓе ги загубија своите животи. И со неа е поврзана една драматична и необична приказна, каква што само животот и случајот можат да напишат.

Во Скопје, пред земјотресот, млекото се продаваше во големи стаклени шишиња, кои во метални гајби се разнесуваа по продавниците. Голема редица имало тоа утро на 26 јули пред самопослугата, од најраните утрински часови.

Кога пристигнале шефот на самопослугата и благајничката, во исто време пристигнало и млекото. Но, за чудо, имало само една мала гајба со 12 шишиња. И тие малку шишиња што ги имало, шефот одлучил да ги достави во болницата, за нејзините потреби. Настанала караница, при што одговорното лице морало да ги избрка граѓаните надвор во дворот. Во тој миг се случил земјотресот и додека оние избрканите од продавницата ја избегнале смртта, шефот и благајничката загинале. Куќата се урнала до темел. Жалејќи за караницата и за она што се случило, граѓаните се обиделе нешто да сторат за да ги спасат, но веќе било доцна. Тоа е уште една трагична игра меѓу животот и смртта во големата скопска трагедија.

Целиот текст може да го прочитате на НОВА МАКЕДОНИЈА